Вести

Одбележана 90-годишнината од изградбата на првиот планинарски дом во Македонија

По петгодишно реновирање е пуштен во употреба најстариот планинарски дом во Македонија, кој доби нов покрив, потпокривот и пет бунгалови. Домот кој се наоѓа на 1.620 метри надморска височина под истоимениот врв на Шар Планина, е изграден пред 90 години и досега, како и отсега ќе продолжи да биде засолниште на идните генерации планинари.

Одбележувањето на 90-годишниот јубилеј почна со планинарска тура од Старо село до домот Љуботен. на која учествуваа домаќините, претставници на други клубови и рекреативци. Патеката од околу осум километри по земјен пат и шумски предел се поминува за 2,5 часа пешачење.

– Некој направил нешто, денес ние го чуваме, реновираме и го градиме, за да генерации после нас го наследат и одржуваат. Тој пример ни го дале генерациите пред нас. Ние сега го чуваме за да го пренесеме на следните генерации. Тоа е нешто што нас ни дава волја како членови на планинарскиот клуб „Љуботен“ да работиме и да се бориме со оние предизвици кои се пред нас – истакна во пригодното обраќање претседателот на клубот, Јован Божиновски.

Претседателот на Федерацијата на планинарски спортови, Јовица Угриновски порача дека најзначајно е што многу љубов и труд се вложува за да постои и опстои овој дом кој е засолниште на планинарите од непогодните временски состојби.

– Ова што го гледате пред вас, колку материјал има внесено внатре, гледате дрво, цигли, камен. Дали забележавте уште две состојки за да ова добие ваков изглед. Главниот материјал е труд и љубов. Дрво може да скапе, цигла може да се распадне меѓутоа љубовта е вечна – истакна Угриновски.

Клиф Хамерс, претставник на Швајцарската амбасада истакна дека развојот на туризмот и заштитата на традицијата не е едностран, туку заеднички напор на повеќе засегнати страни.

– Ни беше задоволство и чест да ги здружиме силите за оваа активност со други донатори и здруженија  Бидејќи тоа е иднината на туризмот во која веруваме и се залагаме – активен, отворен, одржлив за планетата, локалната култура и традиција, како и за локалната економија. Бујниот потенцијал на планината Шара за активен туризам може да биде инспирација за сите нас да бидеме одговорни посетители или одговорни даватели на услуги во туризмот. Мојата главна порака денес е „Дозволете ни да уживаме во раскошот што оваа планина го нуди за своите посетители, но единствената трага што ја оставивме зад нас по нашата посета треба да бидат нашите стапалки во земјата – истакна Хамерс.

Обновата на најстариот планинарски дом во Македонија опфати замена на стариот покрив со нов, се стави во функција поткровјето се доградија тоалети за катот горе, затоа што до сега имаше само на приземје тоалети. Се променија прозорци и врати. Откако се направи тоа се прејде на бунгаловите, се рушија старите и се направија нови со тоалети, тушеви и кревети.

Сега веќе обновениот дом има улога на сместувачки капацитет каде што може да се преноќи.

– Последна работа беше поткровјето да се стави во функција. Се поставија нови скали за се стигне од приземјето до катот и потоа до поткровјето. Во поткровјето се поставија 20 легла, како уште 10 во петте бунгалови. Во собите на првиот кат, кои следно ќе се реновираат, ќе има уште 25 со што вкупниот број ќе биде 55 легла – потенцира Божиновски.

Тагови

Поврзани вести