Забава
Огнен водопад – природен феномен што го одзема здивот
Националниот парк Јосемити се наоѓа во Калифорнија, во планините Сиера Невада и е еден од најпосетените паркови. Едно од најпознатите обележја на овој парк е необичниот природен феномен познат како „огнен водопад“ Хорстејл.
Хорстејл е водопад кој се јавува повремено, кога паѓа дожд или ќе се стопи снегот на Ел Капитан, гранитна карпа висока еден километар.
Тече од висина од околу 619 метри, а секоја година, околу Денот на вљубените, сончевите зраци паѓаат на водопадот под таков агол што се одбиваат во гранитот зад водопадот, давајќи и на водата црвена боја, што ја создава илузија на оган или лава. Овој природен феномен трае околу две седмици.
Со години било работа на среќа да се биде на вистинско место во вистинско време за да се посведочи овој настан кој го одзема здивот. Поради тоа Арон Мајерс, фотограф и инженер, осмислил компјутерски програм за мерење на аголот под кој Сонцето сјае. На тој начин успеал да предвиди дека 22-ри февруари ќе биде најдобро време за гледање на водопадот, пишува UNILAD.
Минатата година дури 2.000 луѓе го посетиле паркот во еден ден со желба да ги видат и фотографираат огнените водопади. Службената во Националниот парк одлучила оваа година да го ограничи пристапот за колку-толку да ја заштити животната средина, вклучувајќи ги локалната вегетација и реката Мерсед која тече низ паркот. На нивната страна на интернет се наведува дека туристите минатата година зад себе оставиле само ѓубре, како и дека недостигот на јавен тоалет предизвикал неповолни санитарни услови.