Македонија

Ново сообраќајно решение на улицата Орце Николов, велосипедски и пешачки патеки

Новото сообраќајно решение предвидува намалување на коловозната лента на шест метри во интерес на изведба на нови велосипедски патеки во должина од 2.400 метри, како и нови пешачки патеки во должина од 2.200 метри, што ќе овозможи поголема безбедност на сите учесниците во сообраќајот.

Со проектот е предвидено и поставување на монтажен кружен тек на раскрсницата помеѓу улиците Орце Николов и улицата Аминта Трети (поранешна Ленинова), како и воведување паралелно паркирање, за што ќе бидат изведени т.н џебови за паркирање, по должина на целата улица.

„Реконструкцијата на улицата Орце Николов претставува капитален проект на Општина Центар од повеќе аспекти. Пред сé, со новото сообраќајно решение ќе бидат подобрени инфраструктурните и безбедносните аспекти на една од најфреквентните улици во централното градско подрачје, при што е ставен посебен акцент на зачувување на зеленилото. Иако реконструкцијата предвидува адаптација на улицата и изведба на џебови со цел на граѓаните да им се овозможи паралелно паркирање, сите дрвја кои се веќе на улицата остануваат таму каде што се. Дополнителна придобивка од овој проект е што истиот ќе овозможи непречено движење на пешаците и велосипедистите на улицата и ќе го стимулира користењето на велосипедот како алтернативен начин на сообраќај во насока на намалување на загадувањето”, изјави градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ.

По изведбата на велосипедските и пешачките патеки и новите паркинг-места, целосно ќе бидат реконструирани 9.330 метри од коловозот, а на одредени локации ќе бидат поставени пет подигнати премини т.н „лежечки полицајци“, кои ќе овозможат нормализирање на брзината на движењето на возилата.

Во текот на оваа година, планот на Општина Центар предвидува реконструкција на уште седум улици, кои освен нови и подобрени сообраќајни решенија, предвидуваат и нови и подобрени инфраструктурни решенија, во зависност од потребите на секоја од улиците.

Тагови

Поврзани вести