Македонија
Новите автобуси со двојно поголем капацитет и не загадуваат
Скопје ќе добие нови 33 еколошки автобуси со погон на гас кои ќе бидат дел од возниот парк на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“.
Набавени се 21 нископоден автобус со поединечен капацитет од 85 патници и 12 зглобни нископодни автобуси со капацитет од 149 патници. Новите автобуси се енергетски ефикасни. Споредено со потрошувачката на старите дизел автобуси овие автобуси трошат речиси двојно помалку гориво што дополнително ќе ги намали трошоците на работењето на ЈСП „Скопје“.
– Еден еко автобус заштедува до 25.000 евра годишно само за гориво. Најголемата предност е што емитуваат значително помалку СО2 или речиси воопшто не го загадуваат воздухот, посочи градоначалникот на Скопје.
Тој потсети дека пред седум години Град Скопје набави 202 двокатни кинески автобуси на дизел кои, како што рече, чинеа многу, а се со лош квалитет. Автобусите секојдневно се расипуваат, а ЈСП „Скопје“ има проблем со кинеските автобуси заради непостоење овластен застапник, и нема можност за нивно сервисирање и техничка поддршка.
Новите автобуси се квалитетни, со двојно поголем капацитет и најважно е што не загадуваат. Минатата година низ Скопје пробно сообраќаа неколку еко автобуси од различни производители, имаше три автобуси на гас и еден електричен.