Македонија
Нема ништо поубаво од тоа да се пишува, твори и зборува на својот мајчин јазик, порачаа од МД „Илинден“ – Тирана

Тирана, 21 февруари – По повод Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, Македонското друштво „Илинден“ – Тирана упати честитка до припадниците на македонското национално малцинство во Албанија, како и до сите Македонци ширум светот.
„Нема ништо поубаво од тоа да се пишува, твори и зборува на својот мајчин јазик. Јазикот е непресушен извор кој треба постојано да се негува и да се зачува чистината на убавиот македонски збор. Македонскиот јазик е наше минато, сегашност и иднина“, се вели во честитката на друштвото.
Од „Илинден“ истакнуваат дека образованието на мајчин јазик е еден од најважните фактори за зачувување на идентитетот на еден народ, особено за македонското малцинство во Албанија.
„Знаењето и негувањето на мајчиниот македонски јазик за децата од македонското национално малцинство значи и јакнење и зачувување на националниот и културен идентитет. Тоа е клучно за воспитување на генерации кои ќе ги негуваат своите културни и верски традиции“, се додава во честитката.
Според податоците на друштвото, Македонците во Албанија живеат во четири етнички региони – Голо Брдо, Мала Преспа, Гора и Врбник – како и во повеќе градови, меѓу кои Тирана, Елбасан, Драч, Корча, Билишта, Подградец и други. Сепак, и покрај нивното присуство во различни делови на земјата, статус на малцинство со право на образование на македонски јазик им е признаен единствено во областа Мала Преспа.
„Иако Македонците во Албанија бројат над 100.000, веќе три децении бараме образование на мајчин јазик за децата од Голо Брдо, Гора и другите населени места со значајно македонско население. Во Голо Брдо настава на македонски јазик имаше сè до педесеттите години од минатиот век, но оттогаш до денес не добиваме позитивен одговор од албанските власти“, наведуваат од друштвото.
Македонското друштво „Илинден“ повторно апелира до властите во Албанија да овозможат образование на македонски јазик, истакнувајќи дека тоа е основно право на секој народ и клучен елемент во зачувувањето на културниот идентитет.