Македонија
Неготинци чекаат датум за референдум „за“ или „против“ депонијата, општината не се брза
Италијанската компанија „П&П" зад која стои поранешен советник во скопска „Дрисла" која изминатиот период ја тресат низа афери и скандали со увозот и согорувањето на опасен отпад е заинтересирана да гради депонија во Неготино.
На три километи од Неготино на место каде е планиран национален парк, локалните власти во соработка со странски инвеститори планираат изградба на депонија на која секојдневно би се согорувале околу 1.500 метри кубни индустриски отпад или, поконкретно 40 шлепери за едно деноноќие.
Со цел Неготино да не биде новата точка на мапата на загадени канцерогени подрачја во земјава, еко-активистите од градот мобилизирани преку здружението „Ековита“, собраа точно 3.232 граѓански потписи со кои чекаат датум за референдум на кој неготинци ќе се изјаснат дали се за изградба на депонија во непосредна близина на градот.
„Собравме 3.232 потписи што е 20% од избирачкиот список во општина Неготино и со образецот од ДИК чекаме од Советот на општина Неготино датум за одржување на референдумот. На претстојната седница на општинскиот Совет ова наше прашање не е ставено на дневен ред, не знаеме зошто, но со оглед дека рокот е 30 дена од поднесувањето, а ние го поднесовме точно на 14. јануари, останува да чекаме“, вели Љубе Темелков од „Ековита“.
Тој појаснува дека станува збор за месноста викана „Шобово“, во катастраската општина Пепелиште каде се наоѓа и „Орлово брдо“ подрачје кое е меѓународно познато по еднемските видови на растенија и степата која ја има само во овој македонски регион.
„Местото е заштитено природно богатство. Освен ендемски видови на растенија кои се ретки во светот, има и степа како во пустините. Зарем да дозволиме чадот од согорувањето на 200-те тони хемикалии, согласно проектот на инвеститорот, да го уништи сето тоа“, појаснува Темелков кој е дециден дека како здружение ги интересира само интересот на граѓаните кои сакаат да ја зачуваат животната средина чиста и здрава, наместо да страдаат и луѓето и сите живи суштества од канцерогените честички кои ќе ги донесе депонијата.
„Дали сте за изградба на депонија за интерен и индустриски отпад и други слични загадувачи на територијата на општина Неготино“ ќе гласи референдумското прашање на кое ќе треба да се изјаснат неготинци откако општината ќе го утврди датумот на одржување на референдумот, а до тогаш еко-активистите ги повикуваат своите сограѓани да излезат во помасовен број и со заокружување на „ПРОТИВ“ да покажат дека се грижат за иднината на природата.
Претседателот на Советот на општина Неготино Диме Витанов во изјава за МКД.мк рече дека прашањето за одредување датум за референдум не е ставено на дневен ред на седница во петок (24 јануари) затоа што сметаат дека треба да го стават како точка на следната седница.
„Јас ги поддржувам сите демократски процеси на одлучување. Со самото тоа што дозволивме без проблеми да се соберат потписите покажавме дека не само декларативно, туку и фактички ја поддржавме иницијативата од која и јас бев дел“, вели Витанов.
Од општината велат, како што беше соопштено, кон крајот на декември продажбата на земјиштето е прекината, а всушност согласноста за продажба е од 2009. Во 2012 година земјиштето е дадено под концесија на 50 години, но откако концесионерот по три години не плаќал концесија истата му е одземена. Подоцна како заинтересиран инвеститор се јавува италијанска компанија која сака да гради депонија.
„На барање на граѓаните, односно по нивните реакции општина Неготино кон крајот на декември ја стопираше продажбата на заинтересираниот инвеститор, по што земјиштето е повторно во сопственост на локалната самоуправа која ќе одлучува што понатаму. Ние го слушаме гласот на граѓаните, но мора да водиме сметка и да не се случат правни или финансики последици со кои би се соочувала општината во иднина“, појаснува Витанов.
Неготинци дополнително беа револтирани бидејќи инвеститор на проектот за изградаба на депонијата била италијанската компанија „П&П“зад која стои поранешен советник во скопска „Дрисла“ која изминатиот период ја тресат низа афери и скандали со увозот и согорувањето на опасен отпад кој ни донесе навистина негативен публицитет во светски рамки кога станува збор за аерозагадувањето.