Македонија
Невработеноста голема, бројката на отворени работни места расте
Агенциите за посредување и работодавците сè почесто се жалат на недостиг на пред сè квалификувана работна сила. Прстот во вперуваат во образованието кое не произведува кадри кои ги бара пазарот на трудот …

Невработеноста голема, а бројката на отворени работни места расте. Ваква е сликата на пазарот на трудот со години, се жалат работодавците и агенциите за посредување. Се почесто се соочуваме со ситуација во која не можеме да најдеме соодветни квалификувани кадри за позициите кои ги нудиме.
Во угостителските и инженерските позиции се помалку се инвестира, а недостасува и медицински персонал.
„Бројот на отворени работни места е доста голем, се соочуваме со ситуација во која не можеме да најдеме соодветна работна сила особено во висококвалификуваните работни позиции. Но тука би сакал да ги издвојам и угостителските позиции кои исто така за жал во летниот период се доста дефицитарни оти нашите млади луѓе заминуваа во топлите краишта околу Црна Гора, Грција и Хрватска и работаат на море. Голем дел од образовните установи не ги следат потребите на пазарот трудот, тие произведуваат несоодветен кадар, а него повеќе не го бараат фирмите и компаниите“, изјави Зорица Бужаровска Бошковска од Кариера.мк.
Длабокиот јаз помеѓу образованието и пазарот на трудот ја кочи македонската економијата, вели академик Абдулменаф Беџети.
Образованието не произведува кадри кои го бара бизнисот. Од друга страна во некои сектори имаме доволно кадри, но без да се обрне внимание на квалитетот, особено во јавната администрација.
„Проблем е што законот не бара да имаат практична настава студентите, порано тоа беше регулирано со закон, но и тогаш беше само некоја про-форма. Но, сега за среќа и стопанските асоцијации се повеќе и погласно ја подвлекуваат оваа потреба. Велат не можеме да финансираме неподготвено образование кое не профилира кадри со практично искуство. Јавната администрација е преполнета, но таму нема соодветен кадар, универзитетите пак се рангираат во светот во однос на тоа колку студентите наоѓаат за кратко работа“, изјави академик Абдулменаф Беџети.
Работодавачите со години се во потрага по квалификувани кадри. Но, голем дел од идните академски граѓани планираат својата кариера да ја градат надвор, но има и студенти кои размислуваат поинаку.
Во последно време и увозот на квалификувана работна сила е тренд кој ја зафати цела држава. Ваквата пракса ја поддржа Владата, која како што посочи била неопходна за да имаме конкурентно стопанство.
Извор МРТ