Македонија
На прагот на грејната сезона Македонија бележи низок степен на спроведување на мерки за аерозагадување.
Од Здружението на граѓани Еко-свест сметаат дека потребно е повеќе и побрзо да се интервенира со цел претстојнава зима да дишеме почист воздух.
– Законски да се забрани загревање на домовите со јаглен, да има зачестени инспекциски надзор и казни за индустриските капацитети. Во периоди со високо аерозагадување да се редуцира сообраќајот и градежните активности – велат од Еко-свест и дополнуваат дека ова се само некои од мерките што треба да се применат веднаш.
Токму на темата за аерозагадувањето минатата недела во Скопје на Регионалната конференција дискутираа претставници на институции и граѓански организации од целиот регион кои се обидуваа да пронајдат решенија за овој горлив проблем.
– Аерозагадувањето е проблем кој нѐ засега сите. И сите заедно мора напорно да работиме за да го решиме. Ако тоа значи децентрализација на производството на електрична енергија и промена на нашите работни и животни навики и практики – тогаш тоа треба да направиме – рече Ана Чоловиќ Лешоска од Еко-свест.
Присутните ги лоцираа термоелектраните на јаглен како сериозен загадувач на воздухот во сите земји на Балканот, но и на останатиот дел од Европскиот континент. Беше дискутирана потребата за формирање на регионално тело на министри кои ќе се фокусираат на долгорочно справување со аерозагадувањето и ублажување на климатските промени.
– Граници не постојат кога станува збор за аерозагадување. Потребно е време и мотивација да се реши проблемот, ама резултатите по здравјето ќе бидат видливи веднаш, а тоа е огромна придобивка за државите – изјави Влатка Матковиќ Пујиќ од Алијансата за здравје и животна средина – ХЕАЛ.
Претставниците на граѓанските организации од регионот ја препознаваат потребата од засилување на регионалната борба со аерозагадувањето. Според нив, потребни се конкретни мерки и иновативни решенија кои би можеле да се применат во сите земји од регионот и кои ќе им помогнат на носителите на одлуки во долгорочното решавање на проблемот со аерозагадување.
– Аерозагадувањето треба да биде приоритет за Владите во регионот – додаде Саскиа Хајинен од Clean Air Fund.