Свет
На Закинтос му се одземени сите 18 сини знамиња
Островот кој важи како место за спектакуларен одмор, ги загуби сите сини знамиња за плажите. Локалните медиуми јавија дека друштво за заштита на природата и Одборот за туризам ги отстраниле сите сини знамиња од овој остров во Јонското Море, откако се намножил бројот на жалбите дека плажите со овие признанија не ги исполнуваат критериумите.
Сино знаме за плажи и марини е меѓународен еколошки стандард за квалитет на заштита на животната средина на морето и брегот. Сини знамиња се доделуваат секоја година на плажи и марини кои ги исполнуваат строгите меѓународни стандарди според 33 критериуми.
Управувањето со течен отпад стана главна причина за жалбите, посебно одлив на отпадни води во реката Агиос Хараламбос. Еден инцидент во почетокот на јули беше последниот знак за тревога. Поради пропуст на вработени во претпријатието за комунална хигиена отпадните води од канализацијата завршиле во реката, а после тоа во морето.
Но не бил течниот отпад единствена причина за ваквата одлука. Туристите се жалеле дека има многу смет на улиците и дека нема спасувачи на плажите со сино знаме.