Македонија
На Водно есенва ќе се изврши пошумување
На четири локации во парк-шумата Водно есенва ќе се изврши пошумување. Ова е предвидено со Програмата за рекултивација, пошумување и уредување на Водно која ја изработи Шумарскиот факултет, а ја усвои Советот на Град Скопје.
Со програмата се предвидува пошумување на северниот и на североисточниот дел на планината, во близина на градежните зафати од изградбата на патот Сопиште-Сончев Град-Скопје – две локации на Долги Рид, една во близина на месноста Марково Крувче и една во близина на Теферич.
Обновување на шумскиот фонд ќе се прави поради неколку зафати за инфраструтурни проекти што беа направени, а кои на повеќе места предизвикаа планината да е соголена или зафатена со ерозивен процес.
Град Скопје парите за пошумувањето ги обезбеди од Национални енергетски ресурси – НЕР, како компензација за уништеното зеленило поради изградбата на гасоводот преку парк-шумата. НЕР му плати на Град Скопје околу 43 милиони денари отштета, но тие пари беа наменски издвоени за да се компензираат исечените дрвја за потребите на изградбата на трасата на кракот на гасоводот Скопје – Тетово – Гостивар во должина од 9 километри преку Водно.
Со Програмата се предвидува изведување на две патеки за планински велосипедизам (вкупно три), чиишто делови ќе бидат доволно атрактивни дури и за организирање на натпревари на екстремен велосипедизам.