Забава

Најстариот светилник на светот уште е во употреба

Најстариот светилник во светот, кој и понатаму е во употреба, е номиниран за престижната награда како најдобар туристички проект.

Светилникот Хук е стар речиси 800 години, а се наоѓа на полуостровот Хук во Вексфорд во Ирска. Светилникот и понатаму е во функција, но на малку поинаков начин.

Имено, посетителите имаат шанса да доживеат најразлични тематски настани во него. Во последните неколку години светилникот е дом за храна, па така посетителите одат на организирани тури наутро и навечер, каде имаат прилика да ги дегустираат локалните специјалитети.

До самиот врв на светилникот има вкупно 115 скалила, а на самиот врв туристите имаат прилика да здогледаат холограм, кој го отсликува монахот Свети Дубхан од петти век.

Според легендата, тој изградил манастир на полуостровот каде монасите го запалиле првиот оган за да ги предупредат морнарите на опасните карпи.

Светилникот Хук е изграден во 13 век од страна на моќниот витез Вилијам Маршал, за да ги пренасочува неговите бродови кон пристаништето Рос.

Поради тоа и светилникот Хук е номиниран за најдобар туристички проект, бидејќи освен богатата историја, тој е претворен во простор каде туристите можат во потполност да ја искусат традицијата на Ирска.

Тагови

Поврзани вести