Свет
Најновата верзија на ракетата на Спејс Икс експлодираше во вселената неколку минути откако беше лансирана од Тексас
Најновата верзија на ракетата на Спејс Икс експлодираше во вселената неколку минути откако беше лансирана од Тексас вчера, принудувајќи ги авиокомпаниите над Мексиканскиот Залив да ги сменат маршрутите за да избегнат судир со остатоци.
Според извештајот на Ројтерс, осум минути по лансирањето, контролниот центар на мисијата на SpaceX изгубил контакт со ракетата Starship висока 123 метри која носела 10 тест сателити, но без екипаж.
Најновите добиени податоци покажаа дека Starship достигнал височина од 146 километри и брзина од 21.316 километри на час. Извршниот директор на компанијата, Илон Маск, на платформата X објасни дека прелиминарните анализи укажуваат на истекување на гориво што предизвикало зголемување на притисокот над ѕидот на моторот. „Успехот е неизвесен, но забавата е загарантирана“, напиша Илон Маск на платформата X.
Иако тоа не е вообичаено, распаѓањето на ракета во воздух предизвика проблеми за меѓународната авијација, при што десетици летови мораа да ја променат својата рута за да избегнат судир со остатоците.
Полетувањата на летовите од аеродромите во Мајами и Форт Лодердејл, Флорида, доцнеа во просек 45 минути, според FlightRadar24.
Федералната управа за авијација (FAA) редовно го затвора воздушниот простор на САД за време на лансирањето и повторното влегување на вселенските ракети, додека во некои случаи воспоставува специјални „зони за одговор на отпадот“, што всушност значи забрана на летови во одреден воздушен простор.
Starship е најмоќната ракета на светот, а ова беше нејзин седми тест, истакнува американската агенција. НАСА планира да користи Starship за слетување на астронаутите на Месечината до крајот на деценијата, додека Маск сака да го колонизира Марс.
Инаку, вселенското летало Blue Origin, производ на компанијата на извршниот директор на Amazon, Џеф Безос, беше лансиран вчера на Флорида. Компанијата на Безос успешно ја лансираше својата нова ракета „Њу Глен“.