Свет
Најмалку 38 загинати во земјотресот во Турција, жена и дете спасени од под урнатините

Жена и дете се извлечени живи под урнатините на една зграда во провинцијата Елазиг, источна Турција, по земјотресот во кој загинаа најмалку 38 лица.
Во земјотресот, со јачина од 6,8 степени што го зафати источниот дел на Турција, 34 лица загинаа во Елазиг, а четири во соседната провинција Малатија. Повеќе од 1.600 лица се повредени, додека синоќа се спасени 45, меѓу кои 35-годишна жена и нејзиното девојче. Нејзиниот сопруг загинал.
На спасувачите, кои го слушнале нивниот плач, им биле потребни неколку часа за да стигнат до мајката и детето на температура од минус четири степени.
Министерот за внатрешни работи на Турција, Сулејман Сојлу изјави дека последните податоци покажуват дека досега од под урнатините се спасени 45 луѓе во подрачјето што во петокот го погоди разорниот земјотрес, јави Анадолија.
Во обраќањето на конференцијата за медиуми во Елазиг, на која присуствуваа и министерот за здравство Фахретин Коџа и министерот за околина и урбанизам Мурат Курум, Сојлу истакна дека по силниот земјотрес се забележани 678 помали потреси.
Нагласи дека државните институции ќе ги исплатат трошоците за кирија на сите жители што останале без домови по земјотресот.
АФАД соопшти дека се повредени 1.547 лица, додека спасувачките екипи и понатаму трагаат по евентуални преживеани, како и по жртвите, под урнатините.
Од АФАД нагласија дека напорите на тимовите продолжуваат, а дека во акциите за пронаоѓање на жртвите учествуваат повеќе од 3.430 лица со стотици возила и 17 кучиња трагачи.
Епицентарот на потресот со јачина од 6,8 степени по Рихтер регистриран е во местото Сивирџе, недалеку од градот Елазиг.
Земјотресот е почувствуван и во околните градови Адана, Хатај, Османије и во подрачјето на северните делови на Сирија и Ирак.