Свет

Најмалку 239 илјади луѓе годишно умираат во ЕУ од загаден воздух

Европската агенција за животна средина (ЕЕА) објави дека најмалку 239 илјади смртни случаи може да се препишат на изложеноста на ситните честички во воздухот.

Како што се посочува во најновата анализа за влијанието на квалитетот на воздухот врз човеково здравје, врз основа на бројките за 2022 година, 70.000 смртни случаи се припишуваат на загадувањето со озон, а 48.000 на загадувањето со азот диоксид.

Податоците потврдуваат дека жителите во Европа се изложение на поголеми концентрации на загадувачи на воздухот од препорачаните ниво според Светската здравствена организација (СЗО).

„Иако беа воспоставени построги правила во ЕУ за квалитетот на воздухот, сè уште премногу луѓе низ Европа, особено оние во градовите се негативно погодени од лошиот квалитет на воздухот што резултира со болести и предвремени смртни случаи, кои во голема мера може да се спречат преку намалување на нивоата на овие загадувачи во животната средина“, истакна директорката на ЕЕА, Леена Ила-Мононен.

Во извештајот на ЕЕА се посочува и дека во периодот од 2005 до 2022 година бројот на смртни случаи во ЕУ што се припишува на ситните честички е намален за 45 отсто.

Денес во Скопје се одржа протест под мотото „Чист воздух за сите“ на кој преку 1000 граѓани маршираа барајќи подобрување на квалитетот на воздухот во главниот град. Граѓаните маршираа под паролите: „Во Скопје живеат згради и коли, ние луѓето само се гушиме,“ „Кој десно, кој лево, сите се гушиме,“ „Воздух здравје и ништо помалку,“ „Буџетот е магично стапче за загадувањето,“ и „Уште ли за ова протестираме?“

Активистите побараа итни мерки за справување со загадувањето, кое, според нив, предизвикува сериозни здравствени последици. Според податоците, годишно во Македонија умираат околу 3.828 лица како резултат на изложеност на PM2.5 честички, што претставува 17.7% од вкупната смртност.

„Ова не е само бројка, туку илјадници човечки животи. Загадениот воздух веќе ги зема најранливите – децата. Бараме Владата и општините да преземат итни мерки. Нашиот живот нема цена“, порачаа од „Зелен хуман град“ кои беа организатори на протестот.

Протестот испрати силна порака за потребата од стратешки пристап кон заштита на животната средина. Активистите повикаа на инвестирање во јавен превоз, субвенционирање фотоволтаици и енергетски ефикасни фасади, како и развивање системи за самоизнајмување велосипеди.

Тагови

Поврзани вести