Свет

Најмалку 10 жртви во пожарите во Лос Анџелес, евакуирани 180000 луѓе

Бројот на загинати во застрашувачкиот бран шумски пожари што зафати неколку делови на Лос Анџелес се искачи на најмалку десет. Пожарот „проголта“ околу 10 000 куќи и други згради, а бројот на евакуирани граѓани се искачи на околу 180 000.

 

Пет пожари сè уште се активни во и околу овој град во американската сојузна држава Калифорнија.

Материјалната штета сега се проценува на 150 милијарди долари.

Американскиот претседател Џо Бајден, кој прогласи голема катастрофа на 7 јануари, два дена подоцна вети дека федералната влада целосно ќе ги покрие трошоците за опоравување од пожарот во следните 180 дена, што вклучува отстранување на остатоци и опасни материјали, изградба на привремени засолништа и плати за итните служби на терен.

Градоначалничката на Лос Анџелес, Карен Бас од редовите на Демократската партија, соочена со критиките на новоизбраниот претседател Доналд Трамп и другите републиканци за справување со катастрофата, изјави дека веќе размислуваат како брзо да го обноват градот.

Најголемиот пожар во Палисадес е локализиран само шест проценти. Досега изгоре речиси 20000 хектари. Итон изгорел 14000 хектари и не бил изгаснат. Последен избувна пожарот во Кенет, тој не е под контрола и зафатил 960 хектари. Во пожарот Херст изгореа 700 хектари, а десет отсто од пожарот е локализиран.

Агенцијата АП наведува дека областа зафатена од пожарот изгледа како да е бомбардирана.

Бројни авиони фрлаат противпожарни средства и вода на запалените ридови, а напорите се потпомогнати од ослабените ветрови, кои претходно дуваа со брзина на урагани. Во вторник на 14 јануари се очекува има нов бран силни ветришта.

Без своите домови во пожарите останаа и некои познати личности, како што се актерите Били Кристал, Џејмс Вудс, Адам Броди и наследничката на синџирот хотели Хилтон, Парис Хилтон. Пренесува Слободна Европа

Тагови

Поврзани вести