Свет
Национален парк во Тајланд по пошта на посетителите им го враќа ѓубрето кое го оставиле зад себе
Посетителите на националните паркови во Тајланд наскоро би можеле да започнат да добиваат пакети во кои управата им го праќа ѓубрето кое го оставиле зад себе.
Откако минатиот викенд бројните посетители во националниот парк Као Јаи во близина на Бангкок, позади себе оставија купишта ѓубре, министерот за животна средина Варавут Силпа-арча го спакува ѓубрето и им го врати на сопствениците по пошта.
„Го собравме вашето ѓубре, го спакувавме во картонска кутија и ви го испраќаме дома. Ова би требало да ве подучи никогаш повеќе да не фрлате ѓубре на некое место“, гласи пораката приложена во пакетот.
По пристигнувањето во паркот, камперите се пријавуваат во управата, па затоа е лесно да се дознае нивната точна адреса и локацијата на нивните шатори каде што бил оставен отпадот.
Но, заедно со пакетот ѓубре, несовесните кампери ќе добијат и пријава во локалната полиција за кршење на прописите за националните паркови, пишува порталот „The Thaiger“.
„Ѓубрето може да биде опасно за животните како срните, доколку го изедат и се обидат да го сварат пластичниот отпад што луѓето го оставаат луѓето зад себе“, објаснува Нарин Пинсакул од Националниот парк.
Министерот Варавут на својата Фејсбук страница објави фотографија со празни шишиња и ќесички од грицки подготвени да бидат испратени по пошта.
Загадувањето на животната средина е казниво со затвор до пет години или глоба до 500.000 бахти (околу 16.000 долари) според тајландскиот закон за заштита на животната средина.
Националниот парк Као Јаи е отворен во 1962 година и претставува најстариот национален парк во Тајланд. Со водопадите и импресивната флора и фауна се протега на повеќе од 2.000 квадратни километри и се смета за еден од најубавите паркови во земјата.