Економија

Нафташите енормно го зголемуваат профит од воведените санкции и трговски блокади

Зголемената заработка  на нафтените компании може да го зголеми нивното влијание, што може да ги загрози обврските за спречување на климатските промени.

Нафтените компании може да го искористат растот на цените на нафтата на светските берзи предизвикан од воведените санкции за да го зголемат влијаниетo кај клучните креатори на светската политика да имаат директно влијание на климатските промени.

Големите нафтени и гасни компании се полни со готовина што можат да ја искористат за да инвестираат во зголемување на производството од постојните наоѓалишта како и за истражување нови наоѓалишта на нафта и гас.

– Нафтените  компании имаат можност да се репозиционираат како едни од клучните креатори на светската политика – вели Роберт Бакли, шеф за развој на односи во „Корнвол инсајт“, компанија за енергетски анализи.

Поради воведувањето на санкции и забрани за трговија, цените на нафтата на светските берзи скокнаа на повеќе од 130 долари за барел. Банкарите сметаат дека високите цени на нафтата ќе се задржат подолго време бидејќи Европската Унија, Обединетото Кралство и САД најавија драстични ограничувања за увозот на нафта и гас од Русија, што најмногу ќе влијае на ЕУ бидејќи околу 40 отсто од гасот доаѓа од Русија, сето ова на крајот го плаќаат граѓаните преку енормните зголемувања.

ОПЕК и Саудиска Арабија засега одбиваат да го зголемат производството, но постои можност тоа да се промени бидејќи Обединетите Арапски Емирати се подготвени да го зголемат производството на нафта за 11 отсто.

Нафтената криза им дава можност на нафтените гиганти како „Бритиш петролеум“, „Ројал-дач Шел“, „Ексон-Мобил“ и „Тотал“ да го зголемат влијанието меѓу владите преку енормните профити.

За да почне производство од новите наоѓалишта на нафта и гас, потребни се неколку години и поради тоа не се очекува намалување на цените на нафтата, барем додека не запре војната во Украина.

Активистите за заштита на животната средина предупредуваат дека нафтените компании ја користат војната во Украина за го зголемат не само профитот туку и влијанието во владите за да остварат поголем профит на сметка на климатските промени.

Експертите предвидуваат дека компаниите ќе го зголемат притисокот врз владите да дадат приоритет на производството на нафта и гас и да ја зголемат употребата на фосилни горива, а пак владите на земјите кои донесоа санкции излегува дека работат за зголемување на профитот на овие компании.

Меѓународната агенција за енергија објави дека емисиите на стакленички гасови покажале досега годишен раст во 2021 година. ИЕА открива дека емисиите на јаглерод диоксид се зголемиле за 6 отсто во 2021 година на 36,3 милијарди тони, што е највисоко ниво досега откако светот беше погоден од пандемијата на ковид-19.

Обновливите извори на енергија и енергетската ефикасност нудат алтернативи за нафтата и гасот, што ги бараат ЕУ, САД и Обединетото Кралство, но доколку нафтените компании успеат да издејствуваат зголемување на производството на нафтата, може да има катастрофални последници за климатските промени, предупредуваат експертите од ИАЕ, пренесува slobodenpecat.mk

Тагови

Поврзани вести