Македонија
Наскоро јавна дебата за новото законско решение за заштита на природата

По повод 21 март – Светскиот ден на шумите, министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, најави дека во текот на следниот месец ќе започне јавна дебата за подготовка на новиот Закон за заштита на природата. Целта на ова законско решение е значително да се подобри грижата за природните ресурси, со посебен фокус на шумските екосистеми.
„Шумите се еден од клучните ресурси на нашата земја. Тие не само што се живеалиште на бројни растителни и животински видови, туку обезбедуваат и чист воздух, вода и имаат важна улога во справувањето со климатските промени. Затоа, нивната заштита и правилно управување се неопходни за зачувување на еколошката рамнотежа“, нагласи Хоџа.
Од Министерството апелираат до институциите, експертите и граѓанските организации активно да се вклучат во процесот на консултации.
„Грижата за природата е заедничка обврска и вложување во иднината. Потребно е заеднички да создадеме квалитетно и современо законско решение кое ќе одговори на актуелните еколошки предизвици“, додаде министерот.



