Свет

НАСА соопшти дека 2018 година била една од најтоплите години откако се мери температурата

Минатата година била четврта од петте најтопли години некогаш забележани, според податоците на американската Национална администрација за океаните и атмосферата (НОАА) и НАСА.

Изминатите пет години биле најтоплите во записите на мерењата. НАСА пак додава и дека последните четири години биле за 1 Целзиусов степен потопли од просекот на 19 век, пренесува Си-ен-ен.

НОАА и НАСА одржаа заедничка конференција за медиумите на која зборуваа за глобалните температури и климата. Двете агенции имаат независни податоци кои датираат уште од 1880 година, а кои се однесуваат на температурите низ целиот свет. Овие податоци требало да бидат објавени и порано, но тоа не беше возможно поради блокадата на американската влада од која беа погодени и овие агенции.

Си-ен-ен јавува дека осумнаесет од најтоплите дваесет години се забележани од 2001 година навака.

„2018 е уште една исклучително топла година и со долгорочниот тренд на глобално затоплување“, изјави директорот на институтот Годард на НАСА, Гевин Шмит.

Просечната глобална температура пораснала повеќе од 1 Целзиусов степен од 1880 и почетокот на мерењето на температурите. Со тоа сме минале речиси две третини од опасниот лимит од 1,5 Целзиусови степени можно затоплување кој беше поставен со Парискиот климатски договор.

„Ова затоплување главно е предизвикано со зголемени емисии на јаглерод диоксид во атмосферата, но и со емисии на други гасови со ефект на стаклена градина кои се испуштеби во атмосферата, а кои се резултат на човечко дејствување“, додаде Шмит.

Температурите продолжуваат најбрзо да растат во поларните региони, каде во 2018 е забележано алармантно топење на мразот.

Годишното количество мраз на Арктикот и Антарктикот во 2017 било најмало, а во 2018 имало само малку повеќе мраз. Набљудувањата во тие региони се вршат од 1979 година.

Минатата година било забележано и топење на она за што се верува дека е најстариот мраз на Арктикот, северно од Гренланд. Научниците претходно предвидуваа дека токму таа ледена маса последна ќе се стопи од климатските промени.

Шмит претставувајќи го извештајот кажа дека се топа поларните капи што значително придонесува на зголемувањето на нивото на морето.

Извештајот покажува и дека 2018 била и година на временски екстреми за бројни делови од светот. Така во САД, на пример, 2018 е забележана како година кога паднале најмногу врнежи во последните 35 години. Воедно станува и за третата година со најмногу врнежи од 1895 година кога почнале мерењата.

Штетата која ја предизвикале екстремните климатски услови изнесува 91 милијарда долари според проценките на НОАА, од кои 73 милијарди отпаѓаат на само три големи настани – ураганот Мајкл со 35 милијарди долари, ураганот Флоренс со 24 милијарди долари и пожарите во Калифорнија со 24 милијарди долари.

„Ова е историски период за времето и климатските екстреми“, изјави Адам Смит, главен истражувач во центарот на НОАА за животната средина.

Тагови

Поврзани вести