Македонија

Градинарскиот отпад треба да се складира соодветно, не да се фрла или се пали!

Овој период од годината се собираат последните плодови од градинарските растенија, а потоа следува корнење на градинарскиот отпад. Токму ваквиот вид отпад, секоја есен претставува сериозен проблем за вработените во ЈП „Комунална хигиена“, поради несоодветното негово складирање од граѓаните.

Оваа состојба многу често се забележува во приградските населби каде граѓаните своите дворови ги користат за садење на градинарски култури. Дел од населението, откако ќе ги соберат плодовите, непотребните делови од растенијата ги фрлаат на несоодветни локации, правејќи диви депонии. Дел од нив, пак, градинарскиот отпад неправилно го одлагаат во кантите за смет заедно со останатиот отпад од домаќинствата а други пак, несоодветно го оставаат веднаш до кантите за смет, во исчекување дека екипите на ЈП „Комунална хигиена“ ќе го подигнат и овој вид на отпад заедно со останатиот.

Во обид да се реши овој проблем, со години наназад, од ЈП „Комунална хигиена“ апелираат до граѓаните посовесно да го складираат градинарскиот отпад, бидејќи станува збор за суви стебла и гранки кои поради состојбата во која се наоѓаат лесно прават дополнително ситно ѓубре кое тешко се собира.

-Екипите на ЈП „Комунална хигиена“ секојдневно се соочуваат со појавата на неправилно одлагање градинарски отпад во поставените садови и во оваа насока апелираме до граѓаните ваквиот тип на отпад уредно врзан да го одлагаат до садовите, а не во нивната внатрешност.

Како дополнителен проблем кој го имаат надлежните институции кога станува збор за ваквиот вид отпад е тоа што одредени луѓе одбиваат да го складираат соодветно и да го остават да биде собран од комуналните работници. Наместо тоа, тие откако ќе го соберат градинарскиот отпад, многу често се случува и да го запалат.

Но, не се пали само градинарскиот отпад, се палат и стрништата, поради што, во изминатиов период  Град Скопје и ЈП „Комунална хигиена“ водат заедничка кампања.

-Во тек е заедничка акција на ЈП „Комунална хигиена“ и Градот Скопје во чиишто рамки се информираат граѓаните за опцијата нашите екипи да го подигнат отпадот од стрништата, со цел да се намали појавата на нивно палење – информираат од ЈП „Комунална хигиена“.

Имено, станува збор за кампањата за бесплатно собирање остатоци од берба за да се спречи палењето на стрништата, со  што се заштитува воздухот од загадување. Од Град Скопје информираат дека заинтересираните граѓани може да се јават на телефонскиот број 071 395 395 и да договорат бесплатно подигање на органскиот отпад.

Инаку, Град Скопје, е прва единица на локална самоуправа која спроведува кампања за елиминирање на палењето на нивите и стрништата, за да се намали загаденоста на воздухот, да се зачува плодноста на почвата, но и да се спречи ширењето на евентуални пожари кои неретко предизвикуваат материјални штети, а понекогаш загрозуваат и човечки животи.

Тагови

Поврзани вести