Македонија
Намалено нивото на вода во акумулациите Липково и Глажња, надлежните смируваат, вода за пиење ќе има
Седум милиони кубни метри вода има во акумулациите Липково и Глажња, информираа денеска надлежните од водостопанство „Кумановско – липковско поле".
Претходните месеци речиси и да немаше врнежи во овој крај, што придонесе за намалување на нивото на вода во двете акумулации. Надлежните потенцираат дека и покрај намалената количина на вода, кумановци ќе имаат редовно водоснабдување.
-Изминатиов подолг период немаше врнежи со што дојде до намалување на нивото на акумулациите Глажња и Липково. Сепак, во браните има седум милиони кубни метри вода што е едногодишна потрошувачка на вода од ЈП „Водовод” Куманово, така што кумановци можат да бидат спокојни, вода за пиење ќе има, изјави директорот на „Кумановско-липковско поле”, Оливер Илиевски.
Тој им препорача на земјоделците да бидат претпазливи со планирањето на посевите, бидејќи, доколку во иднина нема доволно врнежи од дожд, тогаш претпријатието нема да биде во можност да испорача вода за наводнување.
Податоците на претпријатието, покажуваат дека нивото на акумулациите во овој период од годината, изминатите години се движело од 17 до 18 милиони кубни метри вода.
-Финансиската состојба на АД „Водостопанство” – Кумановско е неповолна бидејќи имаме достасано долгови од претходните години, сметката е блокирана, но сепак дојдовме до финансиски средства преку Владата и со нив ќе се покријат долговите, така што годинава ќе почнеме поинтензивно да ги расчистуваме речните корита. Мислам дека оваа година ќе биде успешна за претпријатието, изјави Илиевски.
Преку Министерството за земјоделство, водостопанство и шумарство ќе се набават резервни делови за сите вододостопанства во државата, вклучително и за „Кумановско-липковско поле”, информираше Илиевски. Оваа година ќе се чистат речните корита во општините Ранковце и Крива Паланка./МИА.