Македонија
Над 10.000 потписи против цинкара кај Кавадарци
Над 10.000 потписи против изградба на цинкара близу Кавадарци се собрани во рамки на петицијата што ја организираше еколошкото друштво „Еко-живот”. Претседателот на регионалниот еко центар, Роберто Паризов, вели дека се задоволни што само за неколку дена, кавадарчани во голем број се изјаснија против загадувачка индустрија.
– На терен работеа наши активисти, а имавме и поддршка од координаторот на невладиниот сектор Ненад Јовановиќ. Ние не сме против отворање нови производствени капацитети што би значело и отворање нови работни места, но сме против загадувачи зашто Кавадарци и онака е меѓу најзагадените градови во државата – нагласува Паризов.
Според него, потребен е мораториум за тешка индустрија во градот и донесување локален еколошки акциски план.
Советот на градот вчера одржа вонредна седница, а единствена точка на дневниот ред е разгледување на барањето од Министерството за животна средина и просторно планирање за изведување на проектот „Нови линии за проширување на асортиманот на производи и линии за нови производи во општина Кавадарци”, согласно интересот на кавадаречки инвеститор.