Македонија

Младите ќе седнат на улица против увозот на отпад!

Битката против увозот на отпад добива на жестина, а ќе се радикализира ако не помине законот за управување со отпад. Пратениците пред свршен чин - да гласаат за еколошки, или за политичко-бизнис интереси.

Граѓаните протестираат, партиите тактизираат. Ќе има или не законска забрана за увоз на отпад? Законскиот предлог, кој е заглавен во парламентот, ги вади на улица младите кои бараат итно да се донесе забрана за увозот на отпад во земјата. Во знак на револт од одолговлекувањето, денеска најавија протестен собир пред парламентот, каде ќе чекаат народните избраници да се „смилуваат“ и да стават крај на фарсата околу предлог законот.

„Протестниот собир ќе има централен перформанс – симболично седнување на улица, кое ќе ја претставува чекалницата во која се наоѓаат граѓаните додека се донесе решение за секојдневното труење од согорување отпад. Ќе седиме, но не со скрстени раце, затоа што долгата битка, која минатата есен ја нарековме зелена револуција, продолжува во 2020“, порачаа од Младинското движење за климатска правда „Петоци за иднината Скопје“.

Револтот кулминира поради игнорантскиот однос на надлежните кон најголем дел од барањата на т.н. „Зелена револуција“, која уште лани испорача дузина приоритети за заштита на животната средина. Младите активисти се бесни што наместо за животната средина, народните избраници повеќе се грижат за интересите на крупниот капитал:

„Во ситуација кога аерозагадувањето руши светски рекорди, ова прашање треба да е прво на дневен ред, затоа што се работи за криза без преседан која ќе осакати цели генерации. Младите заминуваат од овде меѓу другото и затоа што не сакаат да дишат буквално канцер во гасовита агрегатна состојба. А кога сите индикации и мерења укажуваат на тоа дека согорувањето на отпадот како гориво во индустриските капацитети има огромен придонес за оваа состојба, немањето волја за тоа да се спречи укажува или на целосна отсеченост од граѓаните чии интереси треба да ги претставуваат, или на вмешаност во целата операција со увозот на отпад. Најверојатно и двете истовремено“, предупредува Иво Босилков, активист во движењето „Петоци за иднината Скопје“.

Во државата не се депонирал отпад забранет со закон, уверуваат надлежните

Активистите ќе инсистираат на средба со спикерот Талат Џафери, од кого ќе бараат објаснување зошто точката за законот за отпад е симната од дневен ред. Официјалното образложение е дека се потребни дополнителни консултации пред таа да биде ставена на пленарна седница. Ваквото тактизирање, според активистите, само потврдува дека целата операција има за цел штитење на одредени бизнис интереси:

„Нема друго објаснување. За нас, екологијата е политика, затоа што политиката во основа не е ништо друго освен механизам за остварување на интересите на граѓаните. Кога регулирање на отпадот е општ интерес, а партиите си свиркаат, тогаш веќе не се работи за политика, туку за политикантство и коруптивни шеми. За тие кои ги носат одлуките разумно е да се максимизира профитот и системот да не доживее никакви потреси за да продолжи како и досега. Меѓутоа во некој момент доаѓаме до точка во која едноставно не може така повеќе, опасноста по здравјето е преголема.

Тоа може да го увиди обичниот граѓанин, затоа што не е заслепен од можноста да извлече некаква добивка од целата шема како политичарите. Полека граѓаните стануваат свесни за ова, и доаѓаме до таа точка. Тоа е зелената револуција за која говориме – демократско отфрлање на досегашните политички практики и нивна замена со политичка и институционална структура која го поставува односот со животната средина како основен столб на општеството“, предупредува Босилков.

Надлежните уверуваат дека увозот е безбеден и во државата не се депонирал отпад забранет со закон. Тоа го покажувале и постојаните контроли кои деновиве вонредно се спроведуваат на граничните премини. Од надлежното министерство тврдат дека се дозволува само увоз на отпад кој може да се обработи, рециклира и да му се даде додадена вредност

Тагови

Поврзани вести