Македонија
МЖСПП вчера информираше дека Струмица е екстремно загадена
Платформата за мерење на квалитетот на воздухот Ај-кју ер покажува дека Скопје претпладнево е на 7. место на светската листа на најзагадени градови. Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) вчера информираше дека и Струмица е екстремно загадена општина. Не само во Струмица и во Скопје, туку и во Тетово, Битола, Кичево… воздухот е многу загаден. Натпросечни концентрации на ПМ 2,5 честичките во воздухот има и другите градови во Македонија.
Со индекс на загаденост од 187 воздухот во Скопје е во категоријата нездрав воздух.
Прв на листата е Лахор во Пакистан, по што следуваат Делхи во Индија и Вухан во Кина.
Министерството за животна средина и просторно планирање вчераинформираше дека е надминат прагот на алармирање за загаденост на воздухот во Струмица.
„Најголемо учество во загадувањето на воздухот во Општина Струмица има согорувањето на биомасата од домаќинствата и угостителските објекти, која на годишно ниво учествува со 35 отсто и во зимскиот период ги надминува дозволените гранични лимити како и палењето оган на отворено. Втор извор на загадување е сообраќајот, а другите извори учествуваат со помал процент“, велат за МКД.мк од Општина Струмица.
Ова го покажаа и резултатите од последното истражување „Справување со загадувањето на воздухот“ во пет училишта и пет градинки од Гостивар, Кавадарци, Куманово, Струга и Струмица.
Во Општина Струмица мерењата беа спроведени во основното училиште Никола Вапцаров и градинката Детска Радост, клон 6 во периодот од март 2023 до април 2024 година.
Поради ова, од МЖСПП препорачаа да се интензивираат вонредните инспекциски надзори на инсталациите со А-Интегрирана еколошка дозвола, да се интензивираат вонредните инспекциски надзори на терен за контрола на инсталациите со Б-Интегрирани еколошки дозволи и Елаборати, како и инсталациите со континуиран мониторинг да овозможат јавен пристап на измерените податоци. Се препорачува и да се интензивираат вонредните контроли на техничката исправност на возилата, особено оние со дизел горива и нерегистрирани возила, да се интензивираат вонредните контроли на градилиштата и забрана на горење на отворено. Исто така е препорачано на сите правни субјекти (работодавци) да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, како и лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста, со препорака на матичен лекар.
„Се препорачува на сите правни субјекти (работодавци) да го реорганизираат работното време и лицата кои работат на отворено да работат од 11 до 17 часот. Се препорачува да не се организираат спортски натпревари и други културни манифестации на отворено“, препорачаа од Министерството за животна средина и просторно планирање.
Според последниот достапен извештај на веб страницата на МЖСПП од Македонскиот информативен центар за животна средина за вчера, среднодневните концентрации на суспендирани честички со димензија до 10 микрометри биле над рамките на граничната вредност на мерните места Центар, Гази Баба, Карпош, Лисиче, Ректорат, Ѓорче Петров, Миладиновци, Битола 2, Кичево, Тетово, Гостивар, Охрид, Велес 2, Кавадарци, Куманово и Струмица.Пренесува мкд.мк