Македонија
Метео: Студен бран со дожд и снег, стабилизација од викендот

Метеоролозите најавуваат промена на времето под влијание на циклонска активност, која ќе донесе врнежи од дожд, а на повисоките места и снег. Од утре и во наредните денови се очекува заладување, при што дел од врнежите може да преминат во снег и во некои повисоки населени места.
Пообилни врнежи се прогнозираат за среда и четврток, кога локално може да наврнат и над 50 литри на квадратен метар. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер од североисточен правец, особено во среда.
Во Скопје во следните неколку дена се очекуваат повремени врнежи од дожд, со поинтензивни врнежи во среда попладне и во четврток. Потоа се најавува постепена стабилизација на времето.
Во среда ќе преовладува претежно облачно време со локални врнежи од дожд, а на повисоките планини на северозапад врнежите ќе преминуваат во снег. Температурите ќе се движат од 0 до 6 степени наутро и од 8 до 13 степени преку денот.
Во четврток времето ќе биде облачно со врнежи од дожд, а на планините снег, проследено со умерен до засилен ветер од северен правец. Дневните температури ќе достигнат од 7 до 12 степени.
Во петок ќе има променливо облачно време со повремени слаби врнежи, со утрински температури од -1 до 6 степени и дневни до 15 степени.
Од викендот се очекува стабилизирање на времето, со повеќе сончеви периоди и постепен пораст на температурите.



