Македонија
Малешевијата се промовира како атрактивна дестинација за планински велосипедизам
Планинарско-спортскиот клуб „Малешевска корија“ од Берово ги промовираше постигнатите резултати од под-проектот „Малешевска корија – планински велосипедизам дестинација“ како дел од туристичката дестинација Малешево и околината што беше поддржан во рамките на „Проектот за локална и регионална конкурентност“.
Цели на под-проектот се да се подобри локалната туристичка понуда за планински велосипедизам, да се поттикнат здрави животни навики и активности за грижа и почит кон планината, да се зголеми бројот на дојдовни туристи во Малешевијата, јакнење на економијата и намалување на иселувањето на младото население.
За да се постигнат овие цели набавени се 25 велосипеди за деца и возрасни и соодветна опрема за планински велосипедизам, обучени се водичи за спроведување велосипедски тури во планина, набавена е гоу-про камера за креирање на промотивни видеа и слики, изработен е промотивен материјал, изработена е веб-страица преку која сите заинтересирани можат да се информираат за услугите и понудите и која обезбедува насоки за индивидуално користење на велосипедските патеки.
-Планинскиот-спортски клуб „Малешевска корија“ од Берово е една од 17-те асоцијации кои добија под-грантови од Проектот. Вкупната вредност на овие под-грантови за асоцијации е над 1,2 милиони евра, за развој на нови атракции за туристите низ целата земја, како што се летање со балони на топол воздух, јавање коњи , планински велосипедизам, обележани патеки за пешачење, самоводечки тури и падобрански скокови во тандем – изјави Марко Мантованели, директор на Светска банка.за Македонија и Косово.
Дека туризмот може да биде една од гранките која што може да ја задвижи економијата покажуваат и последните официјални бројки кои велат дека споредбено со септември 2018 година забележлив е зголемен број на туристи за 12,8 проценти, како и зголемување на број на странски туристи за 17,8 проценти.