Вести

Македонија со минимална искористеност на чистата енергија

Обновливите извори на енергија во земјава минимално се искористени, ова е еден од заклучоците на меѓународниот парламентарен пленум кој денеска во Скопје дебатираше на тема енергетика. Не само во Македонија, туку и глобално на оваа проблематика мора посериозно да се работи бидејќи нема доволно електрична енергија за сите потреби на човештвото, изјави Јанез Копач, претседател на Европската енергетска заедница. Според него, добро е што земјава донела закон за енергетика, но тука работите не се подобрија, потребна е итна примена и спроведување на законот во пракса.

„Имаме можност да создаваме енергија од сонце, ветер, вода, но мора да ја користиме ефикасно. Друг глобален тренд во енергетиката е електрификацијата на светот. За 30-40 години 80 до 90 отсто од целата потрошувачка на енергија ќе биде од електрична енергија“, рече Јанез Копач, претседател на секретаријатот на енергетската заедница.

Нашите власти признаваат дека земјава е лимитирана во производството на струја. Вицепремиерот за економија Кочо Анѓушев излезот во иднина го гледа само во производството на струја од обновливи извори. Вели дека распишан е тендер за изградба на 30 мали хидроелектрани, 20 се во фаза на градба, а во функција се 72 мали хидроелектрани. Вкупната инсталирана моќност на сите би достигнала 100 мегавати.

„Трагично е Македонија како земја со голема сончева радијација во моментов да располага само со 20 мегавати инсталирана моќност од фотоволтаични централи…“, изјави Кочо Анѓушев, вицепремиер за економски прашања.

Инаку, производство на вкупната електрична енергија во светот од обновливи извори е под два отсто. Експертите не се многу оптимисти за следните три децении, односно дека состојбата драстично ќе се промени. Во следните 30 години алтернативниот начин на производство на струја би се качил само до три проценти. Засега најкористен извор за производство на електрична енергија е јагленот кој влегува со 54 отсто, а после него е нуклеарната енергија со околу 30 проценти.

Тагови

Поврзани вести