Македонија
Македонија има проблем со дивоградбите во заштитените подрачја
Македонската држава отсекогаш била свесна за значењето на Охридскиот регион во УНЕСКО и оние постулати што се поставени од почетокот од 1979 година, со поставувањето на мапата како светското и природно наследство, важат, заклучи претседателот на Македонското еколошко друштво, Славчо Христовски.
Пред официјалниот почеток на шестиот Конгрес на еколозите со меѓународно учество, кој се одржува во Охрид, тој нагласи дека Охрид не смее и нема да го загуби статусот што го доби од УНЕСКО, но и оти не треба да се чека, туку да се преземаат мерки.
– На Охрид му треба цел концепт за развој на туризмот, економски развој, заштита на природното и на културното наследство. Во моментот се одвиваат различни активности, кои ќе доведат, се надевам, до подобрување на состојбата, односно ќе биде донесен просторен план, план за управување со крајбрежјето на Охридското Езеро, кое мора да биде надоврзано со соработка со Албанија. Се надевам, еден ден ќе вроди со плод – изјави Христовски.
Постојаното никнување дивоградби во националните паркови и покрај охридското крајбрежје, за него, е неразбирливо и е проблем таложен со години.
– Тоа не личи на една држава како што е нашата, која се наоѓа на европскиот континент, да има стотици нелегални објекти изградени во многу важни зони, како што е националниот парк Галичица. Тоа се проблеми што, за мене, се неразбирливи, се наталожиле низ годините и се надевам дека кога-тогаш ќе се решат. Мораме да ги решиме тие работи – потенцираше Христовски.
Македонското еколошко друштво смета дека има придонес во граѓанското општество и во развојот на екологијата.
– Мое лично мислење е дека имаме прогрес, но незадоволителен. Во однос на подигањето на јавната свест, зајакнувањето на нашите институции и нивите капацитети е процес кој веднаш не дава резултати, но кај и да е, ќе даде. Галичица е пример за национален парк кој својата егзистенција и своето работење строго ги поврзува со основните негови цели за заштита на природата, за разлика од некои минати проблеми кога биле соочени со економски проблеми и сечење шуми да го надминат тоа. Денес, НП Галичица е пример со кој можеме да се гордееме, а другите национални паркови го следат тоа – рече претседателот на МЕД.
МЕД, според извршната директорка Робертина Брајаноска, е најстарата еколошка организација во земјава, слави 50 години од постоењето, а во последните 20 години интензивно работи на истражувања на вредностите на биодиверзитетот и различните подрачја што се од интерес за заштита во земјава.
– Особено сме горди за прогресот што го постигна нашата држава последните години. Мрежата на заштитени подрачја во земјава изнесува повеќе од 13 проценти на национално ниво – информира Брајаноска.
На шестиот Конгрес на еколозите учествуваат околу 200 истражувачи од земјава и од Европа, кои ќе ги презентираат своите научни достигнувања, а ќе имаат можност да разменат и искуства и натамошна соработка за идни заеднички проекти и активности.