Свет
Лех Валенса: Демократијата е во криза, старите политички структури повеќе не одговараат на времето во кое живееме

Поранешниот полски претседател и добитник на Нобеловата награда за мир Лех Валенса предупредува дека Европа, покрај растот на популизмот и назадувањето на демократијата, се соочува и со подлабока структурална криза, бидејќи политичките системи не успеваат да го следат брзиот технолошки развој.
Во интервју за „ЕУОбсервер“, 82-годишниот Валенса оценува дека технологијата го трансформира светот многу побрзо отколку што политиката и образованието успеваат да се приспособат.
„Нашето образование сè уште е подготвено за старите технологии, а не за новите. Не успеавме да се организираме на ниво што одговара на сегашниот технолошки развој на светот. Она што го имаме сега не е вистинска демократија“, вели Валенса.
Според него, современата цивилизација се приближува кон пресвртна точка каква што во минатото довела до пропаѓање на големи цивилизации.
„Ние сме ранливи на колапс. Тоа може да ни се случи и нам“, предупредува поранешниот полски претседател.
Валенса е особено критичен кон функционирањето на политичките партии, за кои смета дека се претвориле во самоодржливи бирократски структури, наместо да бидат вистински инструменти за претставување на граѓаните.
Тој предлага граѓаните да добијат поголеми можности за отповикување на избраните функционери, финансирањето на партиите да стане потранспарентно, а секоја избрана функција да биде ограничена на најмногу два мандата од по пет години.
„Демократијата избира лоши луѓе, популисти и демагози“, вели Валенса, додавајќи дека без поголема политичка одговорност демократијата ризикува постепено да биде „испразнета одвнатре“.
Според него, проблемот е поширок од националните политички системи. Недовербата меѓу државите расте, додека старите партии и општествени структури веќе не одговараат на реалноста на современиот свет.
Валенса смета дека се потребни нови политички и општествени структури кои подобро ќе ги искористат потенцијалите на различните држави, а Европската Унија треба да добие поширока улога во таквата трансформација.
Лех Валенса беше претседател на Полска од 1990 до 1995 година, а во 1983 година ја доби Нобеловата награда за мир. Во мај годинава Европскиот парламент го одликува со Орденот за заслуги, како признание за неговата улога во демократската трансформација на Европа.



