Забава
Кривата кула во Пиза почна да се исправува
Како една од главните туристички атракции во Италија, главниот интерес на Кривата кула во Пиза е да остане накривена, или барем така мислат туристите. Но, експертите велат дека поради процесот на стабилизација во последните неколку години кулата се исправила за неколку степени.

Кулата која почна да се гради во 1173 година почна да се накривува уште во процесот на градба, а пред да биде завршена во 1372 година нејзината накривеност веќе беше препознатлив дел од ова архитектонско здание.
Експертите кои работат на процесот на стабилизација на Кривата кула во Пиза велат дека таа сега е помалку накривена од порано и дека работата на неа придонела кон исправување за 4 сантиметри во последните две децении, што е добар знак дека во иднина ваквите постапки ќе спречат Кулата да се сруши на страната на која е накривена.
„Откако започнавме да работиме на стабилизација на Кулата, таа се исправи за околу половина степен. Но, она што е навистина важно е стабилноста на градбата, која е подобра отколку што се надевавме“, вели Нунциане Скељиа, професор по геотехника на универзитетот во Пиза.
Популарната градба беше структурно оштетена за време на Втората светска војна и стигна до степен да мора да биде затворена за посетителите во 1990 година, за потоа повторно да биде отворена во 2001, кога и започна процесот на стабилизација.
Кривата кула во Пиза годишно привлекува повеќе од 5 милиони посетители. Таа има осум ката, а за да се стигне до врвот треба да се искачат 269 скалила.