Култура

„Филхармонија на кирилица“ со симфониска музика

На концертот „Филхармонија на кирилица“ кој ќе се одржи в четврток, во 20 часот нема да настапи македонската пијанистка Нина Костова, која го откажа својот настап поради здравствени причини. Сите кои имаат купено билети за првичната програмата на овој концерт, а не сакаат да присуствуваат на променетиот концепт, оже да ги вратат на билетарницата на Филхармонија. Поради краткото време за наоѓање на друг солист, на овој концерт ќе биде изведена само симфониска музика и ќе оди во еден дел без пауза.

 

На програмата останува Симфонијата бр.2 во це-мол, оп. 29, оркестарско дело кое оддамна не прозвучело на нашата музичка сцена. Рускиот композитор Александар Скрјабин (1872-1915) бил музички гениј, филозоф, мистик и езотерик. Верувал во духовно божество кое го водело додека ја создавал својата музика со која сакал да го трансформира светот.  Создал инидивидуална филoзофска концепција чија симболика во себе ја носат сите негови дела создадени по романтичарската фаза, особено неговите симфонии.  Симфонијата бр. 2 во це-мол, Оп. 29, Скрјабин ја пишувал во периодот помеѓу 1901 и 1902 година. Во неа романтизмот е движечка сила, но воедно може да се почувстуваат и навестувања на мистични и трансцендентални мотиви, кои ќе станат доминантни во неговиот подоцнежен музички опус.

На програмата е и увертирата од операта „Хованшчина“од рускиот композитор Модест Мусоргски, напишана во периодот меѓу 1872 и 1880 година која носи поднаслов „Национална музичка драма“. Операта е позната по длабокиот емоционален сензибилитет типичен за опусот на Мусоргски, иновативната употреба на фолклорните елементи и претставува живописен портрет на руското општество.

Со настапите дома и во странство, а особено со последните гостувања со Краковската, Северночешката, Софиската и Македонската филхармонија, Борјан Цанев останува еден од најбараните диригенти во Македонија и во поширокиот регион. Маестро Цанев ја балансира својата кариера помеѓу сценските настапи и наставата како професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Неговиот 20 годишен ангажман како главен диригент на Македонската филхармонија, одигра исклучително важна улога во квалитативниот раст на ансамблот. Во улогата на наставник и ментор, тој поведе многу генерации на музичари кон нивните професионални патишта дома и во светот. Како добитник на високите признанија „Виртуози – најдобар музички изведувач“ и ,,Ѓорѓи Божиков” – за најдобра изведба на дела од македонски композитори, тој важи за еден од најпрефинетите музичари во Македонија. Дипломира на Факултетот за музичка уметност во Скопје, а магистрира на Државната музичка академија во Софија. Веднаш потоа е назначен за диригент на Македонската филхармонија. Во 2000-2001 Цанев специјализира диригирање на Кралскиот музички колеџ во Лондон, каде што работи со реномираните диригенти сер Сајмон Ратл, Даниеле Гати и Јанош Фурст. Токму на Кралскиот колеџ ја добива и наградата „Аугуст Манс“ за најдобар млад диригент. Еден од најважните настани од неговата рана кариера е поканата да му биде асистент-диригент на сер Колин Дејвис во продукцијата на Моцартовата опера „Дон Џовани“ во Кралскaта оперска школа.

Во периодот 2003-2006 година делува како главен диригент на камерниот оркестар „Скопски солисти“, а во 2006-2009 е назначен за постојан гост-диригент на Софиската филхармонија.

Во Македонската опера и балет диригирал повеќе изведби на ,,Травијата” од Верди, ја води премиерата на новата продукција на „Волшебната флејта“ од Моцарт, како и премиерата на балетот ,,Александар III Македонски“ од Љубомир Бранџолица. Во 2015 година ја предводи Македонската филхармонија на првото гостување на оркестарот во САД, вклучувајќи два концерти во Њујорк, во „Карнеги хол“ и во Музичкиот центар „Кауфман“. Покрај Македонската филхармонија, маестро Цанев диригирал и со: Лондонскиот симфониски оркестар, Софиската филхармонија,  Филхармонијата во Краков, Северночешката филхармонија, Црногорскиот симфониски оркестар, Филхармонијата на Арад, Симфонискиот оркестар „Вагнер“ од Токио, Симфонискиот оркестар на Војводина и многу др. Настапувал со светски реномирани солисти, меѓу кои: Иво Погорелиќ, Јоханес Мозер, Готје Капусон, Сергеј Накарјаков, Сајака Шоџи, Даниел Милер-Шот, Кирил Трусов, Серхио Тиемпо, Иља Гринголц, Акико Суванаи, Симон Трпчески, Светлин Русев, Алексеј Огринчук, Жанг Зуо, Штефан Дор, Џозеф Алези, Дејвид Герет, Стефан Миленковиќ, Роман Симовиќ, Криштоф Барати, Моника Лесковар, Тине Тинг Хелсет, Питер Лукаш-Граф, Ана Дурловски, Благој Нацоски и многу други.

Тагови

Поврзани вести