Култура
„Кокино– Тврдина на сонцето“
Трето издание на мултимедијалната културна манифестација „Кокино– Тврдина на сонцето“
На локацијата кај мегалитската опсерваторија Кокино, од 17ти до 19ти септември ќе се одржува третото издание на мултимедијалната културна манифестација „КОКИНО – Тврдина на сонцето“, уникатниот фестивал кој годинава прв пат е организиран со тридневна програма.
Покрај концертите, програмата на овој специфичен настан вклучува и театарски перформанси, кино-проекции, но и едукативни работилници, видео инсталации, предавања, туристички прошетки, стрип изложба, ракотворби – сѐ од КОКИНО: Тврдина на Сонцето. Во сите сегменти на настанот, секое ќоше ќе говори за сопствената историја, за уметноста инспирирана од вековите пред и по настанувањето на Кокино, до денес.
Мноштвото активности и перформанси кои сред магичниот природен амбиент во подножјето на Кокино, долж обележаната патека/рута и во просторот на самата опсерваторија, како што е најавено, ќе ги претстават стотина различни автори од полето на литературата, уметноста и културата, во величествен тридневен спој на различните уметнички правци од македонското творештво.