Свет
Кои се најзелените земји на светот?
Почитувачите на природата сигурно веќе знаат, а еве совети и за оние кои немале можност да се информираат за тоа кои земји и како го негуваат здравиот однос кон планетата, единствениот дом кој го имаме.
Резултатите од најновите истражувања на Комисијата на Обединетите Нации задолжени за климатските промени се многу загрижувачки. Имено, се прогнозира дека растот на температурите на океаните кои, како што е установено, се загреваат речиси два пат побрзо од тоа што се сметало до неодамна, ќе предизвикаат многу сериозни природни катастрофи како пожари, поплави, суши и недостатоци на храна до 2040-та година.
Причината за глобалното затоплување, најгрубо кажано, е човечката негрижа кон природата. Сепак, не сите се подеднакво одговорни во овие “злосторства”.
Норвешка
Оваа земја предводи по ројот на иницијативи кога станува збор за активностите поврзани со заштитата на животната средина – тоа е земја со најголем број на електрични автомобили во светот. Дури 99 проценти од енергијата за која има потреба се користи од одржливи извори – потекнува од хидроелектраните.
За тоа придонесува не само државната политика, туку и свеста на тамошните поединци кои имаат зелена филозофија – голем дел од времето се минува на свеж воздух и во природа, па ретко можете да наидете на намуртен или дебел Норвежанец. Секогаш се активни и во големите градови најраспространето превозно средство е велосипедот.
Португалија
Земјата која е оценета како трета во светот по својот придонес за зачувување на планетата е една од првите кои на просторот на целата земја обезбедила мрежа за полнење на електрични возила, а чија употреба до неодамна била сосема бесплатна. Владата преземала низа мерки за да ги мотивира граѓаните да инсталираат системи за собирање на соларни и други видови на “зелена” енергија, а отворена е и можноста понатаму да се продава “вишокот” на собрана енергија, во рамките на системите.
Уругвај
Уругвај дава најголем придонес за екологијата од сите земји од Јужна Америка – а станал и глобален лидер кога станува збор за обновливите извори. А како што објаснуваат надлежните во оваа земја, се тргнало од тоа што Уругвај нема сопствени нафтени резерви, па проценето е дека е многу поедноставно, а и поевтино, да се дојде до потребните ресурси по други патишта. Денес околу 95 проценти од електричната енергија се користи од обновливи извори, најмногу од хидроелектраните, се произведува и соларна енергија, изградени се ветерници и се употребуваат биогорива.
Кенија
Покрај екстремните климатски услови и се почестата суша, Кенија може да се смета за една од првите жртви на климатските промени. Како реакција на оваа појава, владата развила систем на мерки со кои ќе биде регулирана емисијата на штетни гасови и намалување на ефектот на стаклена градина за дури 30 проценти до 2030-та година.
Тоа го потврдува и фактот дека мерките за забрана за употреба на пластични кеси се најстроги на светот, па оној кој ќе биде виден со таква кеса на улица му се заканува голема парична, па дури и затворска казна.
Нов Зеланд
Оваа земја – еколошки лидер во азиско-пацифичкиот регион, многу сериозно ги заштитува своите природни ресурси, посебно затоа што нејзиното земјоделство, како и туризмот, целосно зависат од тоа.
Земјата е позната ширум светот како една од најзелените и Новозеланѓаните се посебно горди на овој факт.
И тука на сила има забрана за пластични кеси, но Новозеланѓаните отишле чекор понатаму: ги исфрлиле од употреба и пластичните цевки, како и шишињата за еднократна употреба.