Вести
Кичево меѓу водечките градови според аерозагадувањето
Висината на ПМ 10 честичките на метар кубен во последните неколку дена во Кичево е за пет до седум пати над дозволените граници и се додека времето биде тивко и дожливо бројките ќе бидат високи.
Екологистот Коце Наумоски изјави дека главен причинител за тие високи параметри е затоплувањето на домовите со тврди и течни горива како и со прегорено уље, стар мебел, како и се помногубројните автомобили во градот кои ги има над 10000.
– Состојбите нема да се променат. Се додека не дојде гасот, градот ќе бележи високи вредности на аерозагадување во есенско-зимските месеци, кога над 80 проценти на граѓаните домовите ги затоплуваат со дрво, отпаден материјал, прегорено уље или нафта. Ако има уште една акција на државата за набавка на поголем број на инвертери од досегашните 800, тогаш за очекување е барем за 40 проценти да се подобри квалитетот на амбиенталниот возудх и во месеците кога состојбата е најтешка, што е гаранција за поздраво население во текот на целата година, истакна Наумоски.
Додаде дека по последните снежни врнежи за да се намали лизгавоста на улиците се фрлал абразивен материјал, сол, песок и ризла, кои останале на асфалтот откако се стопил снегот и при движење на возилата се подига прашина, што е дополнителна причина за зголемено аерозагадување на градот.