Живот

Кина лансира сателити кои ќе предвидуваат природните катастрофи

Кина почна со реализацијата на своите амбициозни планови за изградба на констелација од 36 сателити за ниската орбита на Земјата чија задача ќе биде да собираат податоци за предвидувањето и надгледувањето на природните катастрофи.

Новиот проект го предводи технолошката компанија Tianjin Satcom Geohe Technologies. Како што откриваат, првиот сателит за овој масивен проект ќе биде лансиран во јуни 2022 година. Остатокот од сателитите ќе бидат лансирани до крајот на мај 2023 година.

Кина не е единствената земја која користи сателити за превенција на природни катастрофи. International Charter Space and Major Disasters е меѓународен проект кој ја користи вселенската технологија за помош при спасувањето и реакцијата во случај на природни катастрофи. Моментално има 17 членови и добива помош од 61 сателити од целиот свет, што овозможува организација на ресурсите и експертизата од целиот свет за брз одговор во случај на катастрофални глобални настани. Најдобро од се е што мрежата функционира 24 часа на ден секој ден за да бидат забележани сите катастрофи.

Европската вселенска агенција исто така користи сателити за надгледување на настани како што се циклоните, земјотресите, пожарите, поплавите, вулканите, па дури и излевањето нафта во морињата.

Новата мрежа од кинески сателити ќе обезбедува фотографии со висока резолуција кои ќе им помогнат на експертите да ги забележат и да ги анализираат дури и милиметарските геолошки деформации. Тоа ќе помогне за попрецизно предвидување на можностите за геолошки катастрофи како што се лизгање на и рушење на земјиште.

Тагови

Поврзани вести