Свет
Кина првпат по 44 години лансираше интерконтинентален проектил
Кина објави дека успешно лансирала интерконтинентална балистичка ракета со лажна боева глава, која паднала во Тихиот Океан. Иако кинеското министерство за одбрана кажа дека лансирањето било рутинско и дел од годишен тренинг, ова всушност е прв ваков тест од 1980 година.

Типот на проектилот и патеката на неговото движење не се познати, а Кина кажа дека однапред ги известила сите држави кои би можеле да бидат загрижени.
Кина вообичаено го тестира нуклеарното оружје на своја територија и се верува дека ова е првпат од 1980 година да лансира интерконтинентална балистичка ракета во меѓународните води.
Последен пат кога Кина извела ваков тест, во мај 1980, тоа вклучило и 18 брода на кинеската морнарица, што и денес се смета за една од најголемите кинески поморски мисии.