Свет

Кина бара излечените пациенти од коронавирус да донираат плазма

Кинеските здравствени власти побараа од пациентите излечени од коронавирусот да донираат крв за да се извлече плазма за лекување на пациентите кои се во тешка состојба.

Фармацевтските лаборатории се во трка со времето за развивање третман и вакцина против болеста со која се заразени повеќе од 73.000 луѓе низ целиот свет и која однесе најмалку 1.868 животи.

Плазмата на поранешните пациенти заразени со коронавирусот што ја предизвика епидемијата Ковид-19 содржи антитела кои би можеле да помогнат во намалувањето на вирусното оптоварување кај сериозно болните пациенти, изјави на прес-конференција претставник на Националната здравствена комисија.

„Ги молам оние што оздравија да дадат плазма, што ќе им даде надеж на сериозно болните“, рече Гуо Јанхонг.

Единаесет хоспитализирани пациенти во Вухан, жариштето на епидемијата, примија трансфузија на плазма минатата недела, прецизираше Сан Јанронг од Биолошкиот центар на Министерството за наука и технологија.

„Едниот од нив веќе е дома, другиот може да стане и да оди, а останатите се на пат кон заздравување“, додаде таа.

Повикот за давање плазма е упатен откако една државна лабораторија објави позитивни резултати од клиничко испитување во болница во Вухан.

Кинеската национална Биотек групација во својот пост на Вичет гарантира дека пациентите кои добиле трансфузија на плазма за „24 часа им се подобрила состојбата“.

„Клиничките тестови покажаа дека трансфузиите на плазма од луѓето кои се излечиле се безопасни и ефикасни“, додаде Сан.

Донаторите ќе бидат подложени на тестирање за да се осигура дека не можат да го пренесат вирусот, рече Ванг Кејканг, шеф на одделот Фрст хоспитал при Универзитетот во Пекинг.

Во Женева, директорот на програмата за итни случаи во Светската здравствена организација (СЗО) Мајкл Рајан објасни дека употребата на плазма на поранешни пациенти се покажала ефикасна за некои болести и истакна дека оваа метода не е секогаш успешна.

„Мора да проучиме како да ја користиме, на кои пациенти би можела најмногу да им користи и во кој момент“, рече тој на прес-конференција во Женева.

Директорката на СЗО на Одделот за глобална подготовка за инфекции, д-р. Силви Бријанд повика на „претпазливост со крвни препарати со кои можат да се пренесат и други болести“ и ја истакна важноста за придржување кон протоколот.

Тагови

Поврзани вести