Македонија

Кањон Матка цела деценија чека закон за поголема заштита

Десет години се чека природните убавини на Матка да добијат повисок степен на заштита, но процесот и натаму е во тек и неизвесно е кога ќе биде финализиран со донесување закон за репрогласување на Кањон Матка за заштитено подрачје.

Заштитата на просторот е важна и со неа ќе се овозможи да бидат решени низа прашања, од изградба на канализација за решавање на проблемот со септичките јами, до чистењето на отпадот во дивите депонии, но и реализација на други инфраструктурни проекти, велат жители на Матка.

Првичните планови за репрогласување на Кањон Матка за заштитено подрачје се започнати во 2010 година со изработка на Студија за ревалоризација на Матка.

Но, во изминатиот период не е направена резаштита на просторот, а во меѓувреме природните убавини во континуитет се загрозени од чеовекова негрижа, а никнуваат и бесправно изградени објекти.

Дејан Кузмановски е активист од граѓанската организација за заштита на животната средина „Натива“ и жител на долна Матка. Тој смета дека е важно подрачјето законски да биде заштитено, бидејќи според него, со тоа ќе може да се решат повеќе од прашањата кои се проблем за жителите на Матка.

„Со донесувањето на Законот за Матка би се решиле низа проблеми со кои се соочуваат жителите од типот на изградба на канализациона мрежа, решавање на сообраќајниот хаос, решавање на проблемот со отпадот и дивите депонии“, вели Кузмановски.

Тој додава дека изградбата на канализацијата е важна за Матка, бидејќи домаќинствата, но и угостителските објекти сѐ уште употребуваат септички јами кои се влеваат директно во реката Треска, но и дека „голем хаос“ прават и автобусите кои доаѓаат со туристи, вели Кузмановски.

Тагови

Поврзани вести