Вести
Карневалско дефиле низ Прилеп по двегодишна пауза: змејови, рудари, тутунари…
Со повеќе од 500 учесници во групни маски на тутунари, индијанци, рудари, кинески змејови, Крали Марко, Џоломарите, жонглери и мажоретки, куклено шоу, магионичари... по двегодишна пауза започна карневалската магија во Прилеп, „Прочка 2022“.
Сите ти продефилираа во центарот на градот, а карневалот, традиционално го отворија прилепските мечкари, кои велат дека годинава биле најбројни, околу 50-тина учесници, Сега ги обновиле маските со нови кожи, ѕвонци добиле од фирмите и очекуваат целосна подготвеност маската да биде заштитена од УНЕСКО.
Како што информираше Ванчо Георгиев, претседател на здружението „Прилепски мечкари“ кое со локалната самоуправа го организира карневалот, оваа година 20-тиот по ред Прилепски карневал е со републички карактер.
„И оваа година како и претходните 20 години се собравме во центарот на Прилеп за да учествуваме на меѓународниот карневал ‘Прочка‘ кој оваа година е републички. Времето нѐ послужи, немаме дожд иако е облачно што значи дека голем број на посетители ќе ги видат нашите маски кои се одлични“, изјави Георгиев.
Градоначалникот Борче Јовчески го отвори карневалот и порача: „Скромно, но сепак во духот на вековната традиција и прилепските и македонски обичаи, со гордост денес го празнуваме празникот Прочка кој што од верски аспект претставува манифестација на искрената и пожртвуваната љубов кон ближните“.
Маските се креативни- традиционални, современи, поединечни и групни. Почетокот на дефилето го означија мажоретките и секако мечкарите кои го имаат својот ритуал на бркање на злите духови. Карневалот „Прочка 2022“ заврши со заедничка забава и концерт на групата ФОЛТИН на централната бина на плоштадот „Методија Андонов – Ченто“.
Утре, традиционално, Прилепските мечкари покануваат гости на посен ручек во манастирот „Свети Ѓорѓија“ кај Прилеп, означувајќи го почетокот на велигденските пости.