Македонија

Како функционира ГЕТ велосипедот за прочистување воздух?

Дека воздухот во најголем дел до градовите во Македонија е загаден веројатно не е никакво изненадување. Колкав проблем е ова за граѓаните веројатно најдобро се забележува и од бројот од граѓанските движења; апликации како МојВоздух, SkopjePulse и куп групи на Facebook. Во слична насока е и ГЕТ Велосипед, идеја на група студенти, нивниот професор Иле Мирчески и Венито Комерц ДООЕЛ Кавадарци. Заедно развиваат целосно транспортно решение, а во центарот на проектот е ГЕТ велосипедот. Проектот е поддржан и од Фондот за иновации и технолошки развој.

Иако велосипедот е во фокусот сепак дел од решението е и платформата за изнајмување на велосипедите, но и паркингот/станиците за велосипедите. Секако дека покрај намалувањето на загадувањето транспортот со велосипед е и поздрав за оние кои го користат. За ГЕТ Велосипедот разговараме со Александар Јанковиќ, машински инженер, и дел од дизајнерскиот тим на велосипедот. Покрај Александар Јанковиќ, студентите зад ГЕТ Велосипед се: Игор Џамбаски, Ина Крстевска, Филип Попоски, Марко Насески и Мартин Спасовски.

Како функционира велосипедот за прочистување?

Велосипедот има вграден електричен погон и проактивни филтри на тркалата. Филтрите ги заробуваат штетните честички и го прочистуваат воздухот при ротација.

Кажете ни повеќе за филтрите. Како се инсталираат, дали може да се вградат на секој велосипед? Може ли технологијата да се користи и на електрични тротинети кои сѐ почесто ги гледаме на улиците?

Целиот систем за прочистување воздух е составен од 2 дела: филтер материјал и држачи. Филтер материјалот е вграден во држачите (портокаловите делови), додека самите држачи се прицврстени за тркалата од велосипедот.

Бидејќи филтрите се дизајнирани за универзална употреба, лесно би можеле да се прицврстат за тркалата на обичните велосипеди.

Колку време го развивате велосипедот? Од каде идејата за ваков производ?

Сакавме да создадеме производ што ќе поттикнува промена во менталитетот на луѓето кон загадувањето. Истовремено сакавме да се истакнеме со уникатно решение за прочистување на воздухот што не постои на маркетот. На проектот работиме повеќе од година дена. Развојот на системите и дизајнот започна во почетокот на есента 2017 и кон крајот на годината проектот беше прогласен за еден од добитниците на „О2 Предизвикот“.

Колку различни дизајни направивте пред да се одлучите за конечниот изглед на велосипедот?

Генерирани беа триесетина дизајни пред да се договориме за финалната верзија. На почетокот спроведовме анкета и од резултатите добивме генерална идеја за изгледот што би одговарал најмногу во урбана средина. Дури кога се одлучивме за конечен дизајн, истиот претрпе многу понатамошни промени поради различни технички барања.

Зошто се одлучивте за велосипед? Дали може овие филтри да се инсталираат и на возилата или на фреквентните улици, можеби мобилни филтри?

Основната идеја е да им се понуди на граѓаните алтернативен транспортен систем што би ја подобрил градската средина, спротивно од досегашните конвенционални транспортни системи. Истовремено сакаме да ја зголемиме свеста на народот за загадувањето и сметаме дека велосипедот е идеален за постигнување на оваа цел.

Еден од најголемите проблеми е што загадувањето е највисоко зимно време, а тогаш е и најмал бројот на возачи на велосипед. Имате ли некоја идеја за надминување на овој проблем?

Бројот на возачи на велосипеди во зимно време може да се зголеми доколку постепено се променат навиките на луѓето. Можно е да дојдеме до ситуација каде што патеките за велосипеди се одржуваат како и коловозите поради зголемената употреба.

Дали имате контакт од министерството или од некоја од општините? Дали постои интерес за соработка?

Проектот е моментално во фаза на прототипирање. Штом го финализираме се надеваме дека ќе започне соработка со општините.

Ако не се реализира соработка со општините, дали размислувате сами да инвестирате во велосипеди за изнајмување?

Доколку не се реализира соработка планираме да инвестираме во поединечно производство. Сепак се надеваме дека би имале поддршка во реализација на целиот транспортен систем.

Тагови

Поврзани вести