Вести
Активистите се сомневаат дека во земјава се согорува увезен отпад на отворени депонии и во различни погони
Забрана за увоз на отпад како извор на енергија е едно од барањата на иницијативата „Зелен Фронт“ до македонските власти, поради сомневања дека освен познатите извори, воздухот е загаден и од согорување на увезен отпад во различни погони кои според нив, инспекцијата недоволно ги контролира
Активистите се сомневаат дека во земјава се согорува увезен отпад на отворени депонии и во различни погони, a на социјалните мрежи има обвинувања дека се согорува дури и радиоактивен отпад. Надлежните уверуваат дека радиоактивен отпад не може да се увезе во земјава затоа што има детектори на радијација. Дозволен е само увоз на отпад кој може да се преработи или рециклира во Македонија, но не и таков кој треба да се депонира. Во услови на недостиг на доверба во институциите, шпекулациите за опасен отпад се шират низ социјалните мрежи, особено во период кога воздухот е многу загаден.
Активистката Невена Георгиевска од граѓанската организација „О2 Иницијатива“ смета дека освен познатите извори, воздухот е загаден и од согорување на увезен отпад на отворени депонии и во различни погони, за кои вели дека јавноста нема доволно информации како и колку тие се контролирани од страна на државата.
„Се контролираат само оние погони кои имаат дозволи, оние што немаат дозволи, што имаат елаборати, не знаеме како и колку се контролираат и дали навистина (увезениот отпад) завршува кај тие што имаат дозволи или на некои диви погони. Тоа не го знаеме“, вели Георгиевска.
„О2 Иницијатива“ е меѓу 35 граѓански организации од движењето „Зелен Фронт“ и затоа на најавениот протестен марш в петок, меѓу другото, ќе побараат властите да забранат увоз на отпад кој може да се користи како извор на енергија.
Маршот ќе се одржи во повеќе градови во Македонија, а во Скопје демонстрантите ќе инсистираат на исполнување на вкупно 100 барања за решавање на „сите еколошки катастрофи кои се случуваат во земјава.“
Воздухот во Скопје со години наназад е загаден далеку над пропишаните дозволени граници. Деновиве актуелни беа обвинувања на граѓани на социјалните мрежи кои споделуваа фотографии за кои велат дека покажуваат оти Цементарница УСЈЕ ги труе скопјани со горење увезен опасен отпад.