Живот
Каков е животот на луѓето кои се вратија во Чернобил?
Нуклеарната катастрофа во Чернобил во 1986 година остави цел обрач од села на духови кои останаа празни откако локалните жители се евакуираа стравувајќи од радијацијата.
Поради грешка во експериментот за тестирање на безбедноста на нуклеарната централа на 26 април, 1986 година избувна пожар што ширеше радијација во наредните 10 дена. Облаци со радиоактивна прашина се ширеа во радиус од илјадници километри, предизвикувајќи токсични дождови низ цела Европа.
Луѓето кои живееја околу Чернобил – околу 116.000 жители – веднаш беа евакуирани и беше ограничена зона на исклучување од 30 километри околу оштетениот реактор. Подоцна зоната беше проширена за да опфати повеќе области.
Во следните неколку месеци беа евакуирани уште 234.000 луѓе од кои речиси сите заминаа во брзање. Некои од нив имаа само неколку часа да си ги спакуваат животите и да бегаат. На други им кажале дека евакуацијата ќе трае само неколку дена, но никогаш не им беше дозволено да се вратат во нивните домови. Голем дел од евакуираните кои живееја од земјоделие се најдоа прелоцирани во бетонски станбени комплекси.
Но, дел од локалите жители воопшто не заминаа. Денес уште е нелагално да се живее во зоната на исклучување, а сепак, околу 130 до 150 луѓе живеат таму. Голем дел од нив се жени на 70-тина и 80-тина години кои опстојуваат обработувајќи го семејното земјиште.
Подобро во Чернобил, отколку во војна
Дел од луѓето кои си заминаа во 1986 година сега решија да се вратат и да живеат во речиси срушените куќи на работ на зоната на исклучување.
Марина Коваленко и нејзините две ќерки Ирина и Олена се едно од семејствата кои се вратија назад во селото Стешчина во северна Украина.
Иако немале многу услови и изгледи за живот таму, пред четири години Марина и нејзините ќерки кои се тинејџерки, спакувале сѐ и патувале стотици километри низ Украина за да се преселат на само 30 километри од чернобилската зона на исклучување.
Тие побегнале од воениот конфликт во источна Украина, како и уште десетина други семејства кои се доселиле во околните села. Една жена вели дека едноставно изгуглала „најевтино место за живеење во Украина“ и добила резултат – во близина на Чернобил.
Нивната куќа е во очајна состојба – подовите скапуваат, а металните радијатори се напукнати, што претставува проблем во област каде во зима температурите паѓаат и на -20 степени Целзиусови.
Имаат некои основни услови за живот – гас, струја и мобилна мрежа, што значи дека имаат и пристап до интернет. Но, имаат само полско веце. Снабдувањето со вода е проблем, бидејќи нивниот единствен извор на вода е загаден бунар што е поврзан со куќата со една цевка. Мора да ја превриваат водата пред користење.
Куќа во добра состојба во селото може да чини околу 3.500 долари, но таквите имоти се ретки. Поголемиот дел од празните куќи, повеќето направени од дрво, се продаваат за неколку стотини долари.
Кога стигнала, Марина била премногу сиромашна за да може да си ја дозволи и најевтината куќа. Општинскиот совет ѝ излегол во пресрет и ѝ понудил да живее во куќата на еден старец кој боледувал од деменција и живеел сам. Наместо да плаќа кирија, таа требало да се грижи за него. Откако тој починал пред две години, семејството на Марина ја наследи куќата.
Ирина и Олена имаат многу домашни миленици – неколку кокошки, зајаци, кози. Кога не се на училиште – што се наоѓа на оддалеченост од 5 километри – сестрите го поминуваат поголемиот дел од времето помагајќи ѝ на Марина во одгледувањето зеленчук и добиток.
Единствениот извор на приход за семејството е социјалната помош од 183 долари месечно, па земјоделието и сточарството им се неопходни за да се прехранат.
Колкав е ризикот?
По катастрофата, научниците непрекинато го мерат нивото на радијација во почвата, дрвјата, растенијата и животните околу Чернобил, дури и во областите надвор од зоната на исклучување.
Веќе нема ризик од радијација во атмосферата, вели доктор Валериј Кашпаров од Украинскиот институт за агрикултурна радиологија. Но, во некои области загаденоста на почвата може уште да биде опасна по здравјето на луѓето.
Кашпаров и неговиот тим неодамна открија потенцијално опасни нивоа на радиоактивен цезиум-137 во кравјо млеко произведено во област надвор од зоната на исклучување. Честичките цезиум биле апсорбирани во корените на тревата што ја јаделе кравите.
Ако се внесе во доволни количини, цезиумот може да ги оштети клетките на човечкиот организам и во некои случаи може да предизвика тумор на тироидната жлезда.
Меѓутоа, вели Кашпаров, овие ризици се ограничени на конкретни жаришта.
Марина вели дека иако има потенцијален ризик од радијација, нејзиното семејство побегнало од нешто многу поопасно – заканата од војна.
„Радијацијата можеби ќе нѐ убие полека, но не пука во нас и не ни фрла бомби“, вели таа.
„Подобро да жиееме со радијација, отколку во војна.“