Македонија

Каде има активни пожари на територијата на Македонија до 8 часот

Пожарите не стивнуваат.  Според последните податоци што ги соопшти вчера директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, во земјава се активни 10 пожари, а најсериозна е состојбата во Општина Македонски Брод, како и во регионот на Пехчево и Делчево.

Помош пристигна и од соседството, Србија и Бугарија, а денеска се очекува и засилувањето од Словенија – 16 противпожарни возила и 46 пожарникари.

Поради алармантноста на ситуацијата, Управувачкиот комитет го прифати предлогот на Групата за процена и и предложи на Владата да донесе одлука за постоење кризна состојба на целата територија на државата во траење од 30 дена. Владата утрово во 08.30 часот ќе одржи седница на која ќе го разгледа ваквиот предлог.

– Состојбата се менува од час во час. Однапред не можеме да предвидиме како ќе се однесуваат пожарите зашто исклучително сувата вегетација, високите температури и ветерот придонесуваат за нивно брзо ширење и менување на правците, рече Ангелов во изјава за МИА.

Ангелов најави помош од Словенија и во летала, а тоа е побарано и од Грција, за што, како што информира, се очекува позитивен одговор.

За гасење на големиот шумски пожар во Пехчевско со кој беа зафатени селата Мачево, Робово и Умлена, првично беа испратени пет хеликоптери, два македонски и три српски, но веднаш по нивното пристигнување беа повлечени поради исклучително високите температури. Натчовечките напори на жителите, пожарникарите и сите инволвирани го спасија од опожарување манастирот „Св.Петка”.

Ангелов најави дека во реонот на општина Пехчево денеска ќе се интервенира со пет хеликоптери, уште рано наутро, се додека тоа го дозволува температурата на воздухот.

Синоќа пристигна помошта од Бугарија – пет противпожарни возила кои се вклучија во гасењето на пожарот кај маалото Пасјак во селото Нов Истевник.

Вечерта активни беа два пожари во реонот на Прилеп, еден кај Челопек во Старо Нагоричане, а активни жаришта имаше и кај Липац, Кумановско.

Владата вчера одлучи да им додели по 10.000 денари парична награда на вкупно 300 лица (пожарникари и останати граѓани) кои помогнаа во гасењето на шумските пожари. Листата на граѓани кои ќе ја добијат наградата ќе биде утврдена во соработка со општините, Дирекцијата за заштита и спасување и Центарот за управување со кризи. На седница што се одржа вчера, Владата го задолжи Генералниот секретаријат, во консултации и соработка со ДЗС и ЦУК, да обезбеди сместување и храна за лицата кои како странска помош доаѓаат да помогнат околу пожарите. Заклучено е и да се обезбедат податоци за прифаќање техничка помош и помош во работна сила, понудена од Швајцарија, за обновување на објектите кои претрпеле штети од пожарите.

Состојба со активни пожари до 8:00 часот на ден 05.08.2021 г.
Битолски регион
На територијата на ЕЛС Прилеп има 2 активни пожари на отворен простор и тоа:
-во атарот на селата Дрен-Смолане каде гори сува трева и шума и е во близина на објекти.
-пожар кој започна на ден 02.08.2021 во 13.10 во атарот на с.Топлица се проширил во атарите на с.Ракле и с.Никодин. Гори сува трева, а во повисокиот дел и густа шума.
На двата пожари од раните утрински часови во гаснење учествуваат 9 пожарникари со 4ПП возила и 28 припадници на АРМ и вработени ,,Црн бор,,-Прилеп
Струмички регион
Утрово на пожарот кај Погана се излезени 2 ПП возила од ТППЕ Валандово со 7 пожарникари, 14 од ШС Саланџак-Валандово, 30 припадници на АРМ, ДЗС Валандово 7, ЕВН со 7 вработени 1 цистерна за вода и 1 теренско возило, од РЕК Битола и здружение од Битола 9 луѓе исто така се излезени 13 вработени од ПШС Кожув.
Кумановски регион
Пожар во с.Мургаш, гори сува трева и истиот може да се прошири према куќите. За пожарот се известени ТППЕ Куманово, ДЗС Куманово и општина Куманово.
Во моментот активни пожари има во с.Довозенце, с.Горно Јачинце и с.Градиште, информациите се добиени од ТППЕ Куманово чии екипи сеуште се на терен.
Во Општина Кратово пожарот во с.Коњух е сеуште активен на непристапен терен. На терен се ТППЕ Кратово со 1 возило и 3 пожарникари и 4 четворица вработени од Шумското стопанство.
Штипски регион
Пожарот на потегот с.Костин дол-с.Ново село од нокеска е повторно активен. На терен се екипи од ТППЕ-Кочани, ШС Осогово, Водостопанство и МЗШВ.
Пожарот кој Стар Истевник сеуште е активен. Од раните утрински часови на терен се распоредени екипи на АРМ, ЦУК, ДЗС, НШ, ЈП, дел од екипата од Бугарија како и месно население. Само од АРМ има 200 луѓе. Против пожарна екипа од Кочани.
Инфромација од Раководителот на РЦУК Делчево од лице место, е дека на теренот се распоредени екипи на НШ, ГП, КП, АРМ, во многу голем број месно население и доброволци. На теренот видливоста е многу намалена и има многу дим, што го отежнува гаснењето на пожарот.

Тагови

Поврзани вести