Македонија

Итно да бидеме вклучени во одлуките за Водно!

Граѓанската иницијатива која долги години се бори за зачувување и заштита на Водно, „Спас за Водно“ заедно со уште девет граѓански иницијативи од Скопјe, доставија четири барања до Владата, Министерството за транспорт и врски, Министерството за животна средина и Градот Скопје.

Ви ги пренесуваме во целост барањата на засегнатите граѓани, кои се загрижени од континуираното уништување и деградирање на Парк-шумата Водно:

„-Итно вклучување (учество или присуство) на граѓанската иницијатива „Спас за Водно“ во работната група формирана за изнаоѓање на заедничко прифатливо решение во однос на изградбата на Магистралниот гасовод Делница 5 Скопје-Тетово-Гостивар, како и непречен пристап до целокупната документација за истиот.

-Отстранување на градежната механизација наменета за изведба на гасоводната мрежа од Парк-шума Водно.

-Утврдување на границите на Парк-шума Водно и нивно јасно обележување на терен.

-Неодложно усогласување на статусот на заштита на Парк-шума Водно со тековниот Закон за заштита на природата.

Во изминативе години, Водно е нападнато со засилена урбанизација како од насока на градот, така и со неколкуте непотребни градежни проекти каков што е патот за Сончев град и телекомуникациската кула. Сведоци сме на континуирана злоупотреба на заштитената зона и непочитување на дефинираните граници на Парк-шума Водно, а гасоводот како проект низ сртот на Водно само ја прели чашата бидејќи претставува уште еден сериозен удар врз опстанокот на Парк- шумата Водно како оаза на зеленило и чист воздух. Со сите овие проекти се зголемува потребата од дополнителна патна и пристапна инфраструктура, како и протокот на сообраќај, што негативно се одразува на целиот жив свет.

Изградбата на трасата на Магистралниот гасовод Делница 5 преку сртот на Водно, за нас граѓаните, е неприфатливо решение бидејќи со градежните зафати трајно ќе се уништи голема површина на која има шума, ќе се измени ликот на планината и сериозно ќе се загрози био хабитатот на живиот свет на Водно.

За нас е неприфатливо објаснувањето од инвеститорот дека одлуката за минувањето на трасата по сртот на Водно е само затоа што таа опција е најефтино решение, што автоматски значи дека не и најсоодветно!

Затоа, транспарентноста и вклучувањето на граѓанскиот сектор при креирањето на политики и носењето одлуки и дејствија поврзани со Парк-шума Водно е од клучна важност, со што бараме наше итно вклучување преку УЧЕСТВО или ПРИСУСТВО во работната група за Делница5 од гасоводот, формирана по донесената одлука на 61. владина седница.

Тагови

Поврзани вести