Македонија

Итни мерки за спас на културното наследство на Охрид

Охридскиот Регион, според препораките на УНЕСКО, поради штетните политики можеше да биде ставен на листата на светското културно и природно наследство во опасност, а со ваков статус се стекнуваат подрачја во воени зони, како Ирак или Сирија, и затоа се спроведуваат низа надзорни интервентни мерки, беше кажано на денешната прес-конференција во Собранието што ја организира Комисијата за култура.

„Парламентарното мнозинство предводено од СДСМ и коалицијата преку Комисијата за култура во Собранието активно се вклучува во процесот на заштита на Охрид и Охридскиот Регион, чиј статус на светско природно и културно наследство поради повеќегодишните штетни политики беше доведен во опасност. Сведоци сме дека изминативе години Охридскиот Регион, кој иако е едно од 35-те природни и културни наследства во светот, беше жртва на бесмислени политики, на несоодветна градежна експанзија и на небулозни проекти“, истакна Стефоска.

Од Комисијата за култура најавуваат дека активно ќе го следат спроведувањето на законската регулатива, нејзината функционалност и реализирањето на одлуките на Комитетот на УНЕСКО, од каде што биле предупредени дека доколку не се спроведат препораките во следните две години, односно до крајот на 2019 година, постои сериозна можност Охридскиот Регион да биде впишан на листата на светско наследство во опасност.

„ Само да укажам дека ваков статус – светско наследство во опасност, стекнуваат подрачја како што се Ирак, Сирија и други зафатени од војни. Имајќи ги сите околности предвид, во тек е надзорна расправа, јавно сослушување, чија цел е да ги опфати сите аспекти за состојбата со нашето светско природно и културно наследство, како што се погрешните политики во минатото, штетните последици што таквите политики ги предизвикале, вклучително и насоките за активностите што се преземаат за Охрид и Охридскиот Регион да ги вратиме на пиедесталот што им припаѓа“, потенцира Стефоска.

На денешното продолжение на надзорната расправа ќе се расправа за надлежностите и одговорностите што ги имаат јавните и националните установи, како и управите од разни области одговорни за заштита, управување и надзор на состојбите во Охридскиот Регион.

Кон крајот на месецот Комисијата ќе ги соопшти заклучоците од севкупниот надзор и ќе почне да спроведува конкретни мерки.

(Makfax)

Тагови

Поврзани вести