Македонија
Истражување за влијанието на сообраќајот врз загадувањето на воздухот во Скопје
Емисиите кои потекнуваат од сообраќајот во Скопје учествуваат со 35 отсто во вкупното загадување, кое е најмногу изразено во близина на главните сообраќајници во однос на мерното место. За да имаме резултат мора да делуваме и да почнеме со реални активности и решенија велат од Центарот за климатски промени и најавуваат резултати од истражување за влијанието на сообраќајот врз загадувањето на воздухот во Скопје во ноември
Влијанието на сообраќајот во вкупното загадувањето на воздухот во Скопје, како и персоналната изложеност на луѓето на емисиите од сообраќајот се главен фокус на истражувањето кое го работи експертски тим предводен од проф. др Дејан Мираковски, проректор на универзитет Гоце Делчев – Штип и раководител на одделот АМБИКОН, каде се вршат истражувањата и анализите.
„Во рамките на истражувањето ќе биде направена и споредба на податоците за концентрациите на загадувачки супстанци за време на ограниченото движење во рамки на рестриктивните мерки за заштита од ширењето на ковид-19 вирусот во периодот од март до август годинава, кога имаше намалена фреквенција на сообраќај, со податоците од истиот период претходната 2019 година“, велат од Центарот за климатски промени.
Покрај тоа, истражувањето ќе ја анализира и индивидуалната изложеност на емисиите што произлегуваат од сообраќајните средства од суспендирани цврсти честички при различни начини на движење во сообраќајот, во период вон и во грејната сезона во Скопје.
Скоро во сите досегашни истражувања сообраќајот се истакнува како еден од позначајните извори на загадување во урбаните средини.
– Освен тоа, оваа истражување има за цел да ја утврди директната поврзаност на влијанието од загадувањето предизвикано од сообраќајот врз индивидуалната изложеност на луѓето , а со цел да се предложи адаптација на урбаната опрема и рутите на движење кои ќе овозможат помало влијание врз луѓето во текот на нивните секојдневни активности. Голем број студии ширум светот јасно укажуваат дека
правилниот избор на начинот на движење или однесување може да влијае на намалување на изложеноста – вели проф. д-р Мираковски.