Живот
Истражување: дали има доволно овошје и зеленчук за сите да се хранат здраво
Веројатно безброј пати сте слушнале дека сите треба да јадат повеќе овошје и зеленчук. Додека ова е вистина, едно ново истражувањепокажало дека дури и ако мнозинството од населението навистина сака да се храни здраво, нема доволно свежи овошје и зеленчук за да се задоволи барањето на сите.
Истражувањето било спроведено од научници од Универзитетот Гелф. Тимот го разгледувал глобалното производство на агрикултура и со овие податоци го предвиделе производството до 2050-та година. Ги споредиле нивните податоци со количеството храна што е препорачано од нутриционистите.
„Едноставно не можеме да се храниме здраво со сегашниот глобален систем на агрикултура“, изјавил професор Еван Фрејзер.
Тимот работел според претпоставката дека човечката исхрана треба да се состои од половина овошје и зеленчук, четвртина зрнести плодови и четвртина протеини, масти и млечни производи.
Тимот истражувал и колку земја се користи за одгледување и колку земја е потребно за да се исполнат барањата. Ја искористиле и проценката на Обединетите Нации дека до 2050-та година на Земјата ќе има 9,8 милијарди луѓе и заклучиле дека ќе има недостаток од здрава храна.
Тие откриле дека сега се произведуваат 12 порции зрнести плодови за личност наместо препорачаните 8, 5 порции овошје и зеленчук наместо 15, 3 порции масло и масти наместо една, 3 порции протеини наместо 5 и 4 порции шеќер наместо нула.
Истражувачите истакнале дека на најразвиените земји приоритет им е производството на јаглехидрати бидејќи е полесно. Истите овие држави трошат повеќе пари на истражување и развивање житни култури, наместо да инвестираат во технологии за одгледување овошје и зеленчук, како на пример вертикални градини.
За да се задоволи сечија потреба за здрава храна до 2050-та година, истражувачите сметаат дека се потребни неколку промени. Овде спаѓа консумирање помалку месо, а повеќе протеини од растително потекло.