Свет
Израел со нови воздушни напади на Бејрут
Силни експлозии го потресоа либанскиот главен град Бејрут. Нападите на Израел се насочени против лидерите на Хезболах, вклучувајќи го и можниот наследник на Хасан Насралах.

Бејрут повторно беше цел на големи воздушни напади од страна на израелската војска. Од главниот град на Либан се јавува за силни експлозии. Непотврдени извештаи велат дека цел на нападот бил Хашим Сафи ал-Дин, шеф на Извршниот совет на милицијата Хезболах. Тој претходно се сметаше за најверојатен кандидат за наследник на лидерот на Хезболах, Хасан Насралах, кој неодамна беше убиен од страна на Израел.
Тројца израелски владини функционери за „Њујорк Тајмс“ изјавија дека цел на израелските напади бил „состанок на високи лидери на Хезболах, вклучително и Хашим Сафи ал-Дин, претпоставениот наследник на Хасан Насралах“. Од страна на израелската армија нема официјално соопштение. Не е јасно дали Сафи ал-Дин е убиен во нападот. Не е познато ниту колку луѓе загинале во нападите во Бејрут. Во Либан, според либанското Министерство за здравство, за еден ден загинале 37 лица, а 151 се повредени.
Многу загинати во израелски воздушен напад на Западниот Брег
Израелската војска продолжи и со операциите на Западниот Брег. Израелски воен авион гранатираше кафуле во градот Тулкарем, на северот од Западниот Брег. Загинаа најмалку 18 лица, соопшти палестинското Министерство за здравство во Рамала. Бројот на повредени е сè уште нејасен. Ова е прв воздушен напад од ваков вид во Западниот брег во последните години. Според израелската армија, цел на нападот бил шефот на милитантно исламистичкиот Хамас во Тулкарем, Сахи Џасер Абд ал-Расег Уфи. Палестинските медиуми јавуваат дека веројатно бил убиен и лидерот на локалниот огранок на терористичкиот Исламски џихад, Гаит Радван.
Израел: Од Либан испукани 230 ракети
Во исто време, Израел повторно беше гаѓан со ракети од Либан. Во рок од еден ден биле избројани околу 230 проектили и неколку беспилотни летала кои шиитската милиција Хезболах ги истрела кон северен Израел, соопшти вчеравечер (3.10) израелската армија. Претходниот ден бројот на вакви напади беше 140. Во многу места во Израел постојано се огласуваат сирените за воздушен аларм. Некои од проектилите, како што се вели, биле пресретнати, а други паднале над ненаселени места. Засега нема информации за можни жртви.