Клима

Измерена најниската температура во историјата, дури -98 степени Целзиусови

Научниците во вторникот објавиле дека е регистрирана најниската температура на Земјата досега. Користејќи сателитски податоци, истражувачите откриле дека во низа долини во ледениот појас на источниот дел на Антарктикот е достигната температура од -98 степени Целзиусови.

Научниците кои ги објавиле своите сознанија во списанието “Geophysical Research Letters” велат дека оваа температура е веројатно најниската можна температура на планетата.

“Во оваа област има периоди на неверојатно сув воздух, што овозможува топлината од снегот полесно да заминува во атмосферата”, изјавил водечкиот истражувач Тед Скамбос од универзитетот Колорадо.

Бидејќи е невозможно да се инсталира метеоролошка станица на тоа подрачје, Скамбос и неговиот тим ги разгледувале сателитските податоци од 2003 до 2016 година со цел да заклучат како се движат температурите на тоа подрачје.

Иако Антарктикот е еден од најстудените локалитети на планетата, се чини дека некои делови се загреваат. Друга група на научници објавила дека е откриен активен вулкан под ледените брегови на Антарктикот.

Вулканот не е видлив, но научниците заклучиле дека постои бидејќи измериле високо ниво на вулкански гасови во околната морска вода.

Меѓународниот тим од истражувачи изјавил дека вулканот помага во топењето на Пајн Ајленд, глечер на западниот дел од антарктичкиот континент. Тие исто така наведуваат дека глобалното затоплување е главен фактор, но дека вулканот доведува до уште понестабилна ситуација.

“Климатските промени го предизвикуваат најголемиот дел од топењето на глечерот кој го набљудуваме, а овој новооткриен извор на топлина се уште има неутврден ефект бидејќи не знаеме како се дистрибуира оваа топлина под ледениот појас”, велат научниците.

Тагови

Поврзани вести