Вести
Излевање на амонијак кај Пирот: Хоспитализирани 15 лица, од кои три се деца
Како што наведуваат од Клиничкиот центар во Ниш, сите пациенти во моментов се со стабилни витални параметри и не се во животна опасност. Според лекарите, децата кои се лекуваат на Клиниката за детски болести се свесни, комуникативни и се со стабилни витални параметри. Поради иритација на респираторниот тракт, очите и на кожата тие ќе бидат задржани на понатамошно лекување
Вкупно 15 лица, од кои 12 возрасни и три деца се згрижени во Универзитетскиот клинички центар во Ниш, соопштија од здравствената установа, откако од превртен вагон истече амонијак во близина на селото Станичење, кај Пирот.
Како што наведуваат од Клиничкиот центар во Ниш, сите пациенти во моментов се со стабилни витални параметри и не се во животна опасност, пренесе Бета.
Според лекарите, децата кои се лекуваат на Клиниката за детски болести се свесни, комуникативни и се со стабилни витални параметри. Поради иритација на респираторниот тракт, очите и на кожата тие ќе бидат задржани на понатамошно лекување.
Во текот на ноќта шест пациенти се пуштени на домашно лекување, а останатите извесно време ќе бидат задржани на натамошно следење.
Меѓу оние кои ќе бидат задржани на лекување има и 59-годишен маж со повреди на градниот кош и 49-годишен маж со проблеми со срцето.
Во Пирот на сила е вонредна состојба откако од превртен вагон истече амонијак. Вкупно 51 лице синоќа беше хоспитализирано поради симптоми на труење, додека училиштата, градинките и јавните установи денеска се затворени.
Полицијата апелира сите луѓе што живеат во близина на пругата каде што истекол амонијакот да не ги напуштаат своите домови и да не излегуваат надвор.
Од Министерството за заштита на животната средина на Србија соопштија дека ја следат состојбата на терен, а мерењата на моменталните загадувачки материи како и мониторингот ги вршат Институтот за металургија од Бор и Агенцијата за заштита на животната средина.
„Инспекторатот за заштита на животната средина е на штрек и во соработка со сите надлежни органи и институции, јавноста ќе биде информирана за сите наоди од истрагата и за следните чекори со цел да се минимизираат последиците по животната средина“,
се вели во соопштението, пренесува РТС.
Товарниот воз со амонијак бил натоварен во Бугарија, изјави за БТВ бугарскиот заменик-министер за транспорт, Красимир Папукчиски. То рекол дека оти возот со 20 вагони бил натоварен со амонијак на територијата на Бугарија во градот Девња на истокот од земјата.
Според Папукчиски, за несреќата нема начин да се бара одговорност од бугарска страна, бидејќи настанот се случил на територијата на Република Србија. Товарот, како што додаде тој, бил префрлен од бугарската инфраструктура во српската, а во моментот на излетувањето од шините, стопанисувала српската железница.
„Возот ја помина граничната контрола и не беа констатирани никакви прекршувања. Составот е со приватни француски и германски системи, кои ги ангажирал испраќачот. Според тоа, тие биле транспортирани од бугарски приватен железнички превозник до територијата на Република Србија“,
изјави заменик-министерот за транспорт на Бугарија и ги советува бугарските граѓани да го ограничат патувањето во Србија.